Откриени царински измами и шверц на разна стока

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани кипер-корпа, делови за трактори и велосипеди, девизи, облека, репроматеријали за текстилна индустрија, фотоапарати и опрема, производи за прехранбена индустрија и семки од марихуана. Откриени се и 3 царински измами.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 3.000 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лубек, Германија. Во мала ташничка што патникот ја носел на рамо, се пронајдени 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

– 2.000 евра, откриени при личен претрес на албански државјанин, кој управувајќи италијански автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце. Во задниот џеб од панталоните на патникот се пронајдени 12.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.

Во двата случаи, против патниците се поведени прекршочни постапки.

Кипер, делови за товарни возила и велосипеди

– 1 кипер-корпа за товарно возило, марка BENDER, откриена при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. На прашање на царинските службеници, возачот изјавил дека возилото го враќа празно, а се задржал еден ден во Грција поради поправки на моторот и хидрауликата на возилото. При детална контрола на возилото било забележано дека кипер-корпата е прицврстена на шасијата на влекачот со неколку штрафови и ленти за затегнување, а при контрола на кабината е пронајдена и фактура од извршената набавка на половна кипер-корпа, издадена од фирма од Грција.

– 113 делови за трактори и велосипеди, откриени во два одвоени случаи при контрола на два македонски автомобили, управувани од двајца македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Блаце.

Во првиот случај, во задниот дел на возилото и во багажниот простор пронајдени се 45 разни делови за трактори (резервоари за глицерин за кочници, пумпи, фарови, стартери, прекинувачи, табли за осигурувачи и друго).

Во вториот случај, во багажникот на возилото се пронајдени 68 делови за велосипеди (кочници со сајли, ланци, дискови, запчаници, менувачи на брзини и рачки за кочници).

Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите се поведени прекршочни постапки.

– 1 дигалка марка FOXHUNTER, откриена при контрола на англиски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Дигалката била сокриена под неколку торби и куфери, во багажниот простор. Истата е привремено задржана, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Облека и репроматеријали за текстилна индустрија

– 448 парчиња облека и поголема количина репромаеријали за текстилна индустрија, откриени во 4 одделни случаи, при контрола на багажот на четири патници кои пристигнале на скопскиот аеродром Александар Велики.

Во патните торби на двајца турски државјани, кои пристигнале со лет од Истанбул е пронајдена поголема количина репроматеријали за текстилна индустрија (127 макари машински конец, 1.000 етикети, 6.000 копчиња, 3,4 кг коноп, 1 кг метални нитни, 1 кг лента, 1 машина за печатење етикети, 16.680 копчиња и 2 кг платно).

Во багажот на друг турски државјанин, кој пристигнал истотака со лет од Истанбул, биле пронајдени 145 пара женски пижами, додека во патните торби на норвешки државјанин, кој допатувал со лет од Сандерфјорд, Норвешка, се пронајдени 303 парчиња облека (кратки панталони, фармерки, здолништа, кошули, маици, фустани и друго).

Во сите четири случаи, непријавените производи се приврмено задржани а против патниците се поведени прекршочни постапки.

– 146 парчиња облека, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и еден автомобил, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на турски автобус, управуван од турски државјанин, во патна торба сместена во багажникот на автобусот се пронајдени 108 женски блузи со кратки ракави и 11 фустани, сопственост на македонски државјанин, патник во автобусот.

Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, во просторот под задното седиште, под возачкото и совозачкото седиште, под патосниците, под навлаките на седиштата и во делот кај моторот, се пронајдени 27 пара женски фармерки.

Во двата случаи производите се привремено задржани а против патниците ќе бидат поведени соодветни постапки.

Останато

– 2 фотоапарати со опрема и 106 кг разни производи за прехранбена индустрија, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два бугарски автомобили, управувани од бугарски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

Во првиот случај, во повеќе торби сместени во багажниот простор на возилото, се пронајдени 2 фотоапарати CANONEOS и 16 парчиња опрема за истите (стативи, микрофон, далечински управувач со примач на сигнал, проектор на светлина, објективи и друго).

Во вториот случај, во багажникот на возилото се пронајдени 106 кг разни производи за прехранбена индустрија (какао-крем, димодан-масло, арома од масло и арома-ванила).

Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите се поднесени барања за поведување на прекршочни постапки.

Семки од марихуана

– 3 семки од марихуана, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од физичко лице од Шпанија, наменета за физичко лице од Косово. Семките од марихуана се пронајдени во внатрешноста на еден од проспектите, залепени со непроѕирен сунѓер.

Царински измами

Минатата недела откриени се и 3 царински измами, од кои две со погрешно тарифирање на стока и една со погрешно декларирање на потекло на стока.

Во царинска испостава Ново село е откриен обид за избегнување плаќање царински давачки со погрешно декларирање на потеклото на стока. Увозник од Струмица, пријавил за увозно царинење 265 килиграми разна текстилна стока, декларирана со преференцијално потекло. При физички преглед на стоката утврдено е дека производите се со потекло од Кина, Индија, Бангладеш и Виетнам, поради што истата не исполнува услови за преференцијално потекло. Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 52 илјади денари, а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок со мандатна казна.

Во Царинска испостава Гевгелија откриени се 2 обиди за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Во првиот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење декоративни бонбони со бадем декларирани во тарифна ознака стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5% со поднесено барање за квота што овозможува повластен тарифен третман и декоративни бонбони декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и ДДВ од 5%. При контрола на документите и стоката, царинските службеници утврдиле дека во првиот случај се работи за печен зашеќерен бадем кој треба да се распореди во тарифна ознака за која не е предвиден повластен тарифен третман квота и се пропишани стапка за царински давачки од 20% и стапка за ДДВ од 5%, а во вториот случај се работи за бонбони со чоколадо, што треба да се распоредат во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 9%+0,1 еур/кг или max 12% и стапка за ДДВ од 5%, за стока со потекло од ЕУ. Врз основа на новоутврдените тарифни ознаки, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 28 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.
Во вториот случај, увозник од Струмица пријавил за увозно царинење кертриџи за тонери со трговски назив Toner Catrige MX310, декларирани во тарифна ознака стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. При контрола на документите и стоката, царинските службеници утврдиле дека призводите не се посебно спакувани ниту заштитени и поради сомневање во правилното распоредување во царинска тарифа, земени се мостри и испратени на анализа во царинската лабораторија. Резултатите од анализата покажале дека производите треба да се распоредат во друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 6 % и стапка за ДДВ од 18 %. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 10 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.