Во основните и средните училишта од 1 септември 2016 година ќе бидат ангажирани вкупно 131 дефектолог.
Ова денес го истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски додавајќи дека на овој начин дополнително се унапредуваат стручните служби во образовниот систем, од аспект за асистенција на учениците на кои им е неопходна поддршка за правилен развој и тек на образованието.
„Министерството за образование и наука во изминатите неколку недели направи директни контакти со сите училишта во Република Македонија и врз основа на податоците, односно бројот на ученици на кои им е потребна асистенција од дефектолог во било која форма, се направи соодветна анализа која укажа дека има потреба од ангажирање на 74 дефектолози во основно образование и 57 во средно образование, или вкупно 131“, рече Ристовски.
Тој посочи дека одлуката за ангажирање на ваков кадар, минатата недела е одобрена од страна на Владата на Република Македонија, а со оглед на тоа дека училиштата се децентрализирани, целокупната постапка за ангажирање ќе треба да ја реализираат општините, преку објавување на јавни конкурси.