Политичката криза ја намали цената на свежото млеко

Револт и незадоволство владеат меѓу фармерите во Пелагонија откако најголем дел од млекарниците ја намалиле цената за откуп на свежото млеко.

Намалувањето, во просек, е за два денари по литар, така што сега цената по која се откупува млекото од фармерите е намалена на 14-15 денари за еден литар.

Она што според нив е симптоматично е што млекарниците најчесто ја коригираат цената на млекото за фармерите со помало производство.

Жртви се помалите кооперанти, ним им ја намалија цената за дури два денари. Кај големите кооперанти, пак, цената останува од 20 до 22 денари за еден литар со ДДВ. Ни испраќаат писма и нè известуваат дека цената ќе ја намалат. Истото се случува и на откупните пунктови, каде на фармерите што дневно предаваат по 100-200 литри, млекото практично им го земаат бадијала“– вели Гоце Кантаровски, сточар од Могила.

Фармерите веруваат дека ваквата ситуација е тесно поврзана со политичката криза.

„Ситуацијата е хаотична, големите да царуваат, малите да гладуваат. Народот се плаши, сточарите не знаат како да се однесуваат“ – вели Кантаровски.

Кире Чагоровски, исто така, сточар од Могила, е револтиран од ниската откупна цена на млекото, особено зашто како изговор за намалувањето откупувачите посочувале банални причини, како тоа дека млекото не е чисто и слично. Убеден е дека ваквата ситуација ќе трае до јуни, ако тогаш се одржат изборите.

„Оваа ситуација ќе остане до јуни, сметам дека е поврзана со предизборието. Инаку, овие цени се неиздржливи. Ако се направи есап колку е цената на струјата и на водата, концентратот, добиточната храна, тешко дека ќе остане фармер во земјава, ситуација ќе биде полоша и од годините по „Сведмилк“ – вели Чагоровски, кој заедно со Кантаровски изгуби илјадници евра за неисплатеното млеко од шведската млекарница.

Home