АХВ: Краставиците безбедни, имаат 25 пати помалку пестициди од дозволеното

Краставиците увезени од Албанија се безбедни и содржат 25 пати помалку активна супстанца од дозволеното ниво, изјави заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски придружуван од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски и директорката на Државната фитосанитарна лабораторија Сузана Кратовалиева.

Со тоа се демантира обвинувањето на дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски, дека во Македонија се увезени краставици од Албанија со пестициди двојно повеќе од дозволеното.

Обвинувањата на Николовски, рече Костадиновски, се тенденциозни, со единствена цел, преку ширење лаги, паника и страв кај граѓаните, СДСМ да се претстави како спасител и да собере политички поени.

„Јавно ја демантирам информацијата на дополнителниот заменик министер дека во примерок од краставици кои ги доставил до Државната фитосанитарна лабораторија е пронајдено количество на пестициди двојно поголема од законски дозволената. Николовски откако е дојден на функцијата има за цел да сее страв и паника меѓу граѓаните, без притоа да понуди добар, конкретен проект или идеа“, нагласи Костадиновски.

Според него, Николовски ќе мора да каже каков документ презентирал зашто оригиналниот, од Државната фитосанитарна лабораторија го покажува фактичкиот резултат.

Како што информира Кратовалиева, во Државната фитосанитарна лабораторија бил донесен примерок од краставица на 5 април годинава, а резултатите од анализата биле завршени за два дена, на 7 април.

„Примерокот е анализиран согласно стандардна европска акредитирана метода. Резултатот покажа присуство на 0,02 милиграми остаток од активната супстанца металаксил во килограм што е 25 пати помалку од дозволеното ниво кое изнесува 0,5 милиграми во килограм. Тоа значи дека краставиците се безбедни за консумирање“, потенцира Кратовалиева.

Ширењето дезинформации, додаде, е директен напад на институцијата во која граѓаните имаат доверба.

„Информациите кои ги посочува Николовски се алармантни, но не се точни и имаат сосема друга позадина. Никогаш досега не се случило да се добие резултат над максимално дозволените граници, а притоа да не бидат информирани релевантните институции и веднаш да не се постапи согласно законските процедури. Ниту еднаш досега, не е дозволено незбезбеден земјоделски производ или негова преработка да биде пуштена на пазарот,“ подвлече директорката.

Директорот на АХВ Поповски додаде дека Николовски со денешното обвинување уште покажа тотално непознавање на материјата за која зборува, но и дека работи на собирање политички поени од граѓаните преку ширење лаги, страв и паника.
Државната фитосанитарна лабораторија веќе две години е вклучена во меѓународни тестирања и е меѓу 6-то и 8-мо место на најдобрите во Европа