Младите се учат на здрав и безбеден живот

Манифестацијата „Живеј здраво-Живеј безбедно“, која е дел од развојната програма за образование на Општина Охрид, а се реализира во соработка со СВР Охрид, Црвен Крст, Извиднички одред „Пионер“ и основните училишта, се одржа денес во паркот наспроти Центарот за култура „Григор Прличев“.

Целта на проектот е превенција од дрога, алкохол и цигари, за што учениците од основните училишта, преку спортски игри ги промовираа здравите животни стилови.

„Се собравме денес, да им речеме НЕ на зависностите од дрога, алкохол и цигари, но да кажеме ДА за здравите навики на живот,физичката активност и консумирањето на здрава храна. За жал, бројот на адолесцентите кои се зависници од алкохол,цигари и дрога се зголемува, па затоа преку вакви проекти младите треба да се учат на здрав и безбеден живот“– рече заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев.

Младите, денеска преку игра се забавуваа, меѓусебно се дружеа и испратија порака до нивните врсници дека спортот е само еден од начините да се спротистават на дрогата, алкохолот и цигарите.