Примена на регионална конвенција во спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и ЕУ

Царинска управа информира дека во Службен весник на Република Македонија број 71 од 11.04.2016 година е објавен Законот за ратификација на измената на Протокол 4 на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји членки од една страна и Република Македонија, од друга страна, изменет со Одлука број 1/2016 на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.

Со оваа измена на Спогодбата наместо постоечкиот Протокол 4 се воведува можност за примена на Регионалната конвенција за Паневромедитерански преференцијални правила за потекло. Ова е од особено значење за деловната заедница бидејќи за првпат се воведува можност за примена на кумулација меѓу Република Македонија, Европска Унија и ЕФТА. Ова значи дека може да се користат репроматеријали за производство на готови производи од земјите вклучени во кумулацијата и готовите производи во меѓусебната трговска размена да користат преференцијален третман со намалени или укинати царински давачки. На пример, ткаенина со преференцијално потекло од Швајцарија, може да се увезе и да се преработи во Република Македонија, да се сошијат кошули и истите да се извезат во земјите на Европската унија со македонско преференцијално потекло. Исто така, стока со потекло од Швајцарија која во земјите на Европската унија не била предмет на обработка и преработка, може да се потврди нејзиното швајцарско потекло од страна на царинските органи на Европската унија со издавање на доказ за потекло и при увоз во Република Македонија да се примени преференцијален третман со ЕФТА.

Со проширувањето на кумулативната зона кон земјите членки на ЕФТА (Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн) се зголемува и можноста за набавка на репроматеријали за производство на готови производи кои ќе подлежат на преференцијален третман што дополнително ја зголемува конкурентноста на домашните производители на европскиот пазар.

Повеќе информации се дадени интернет страната на Царинската управа во делот Пресметка на давачки – Потекло на стока, на следните линкови:

http://www.customs.gov.mk/images/Image/Primena%20na%20RK%20INTERNET.pdf

http://www.customs.gov.mk/images/Image/izvestuvanjeOdEU%281%29.pdf