Заев: Се шири фронтот за демократска Македонија, се вклучи и ДОМ

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за медиумите истакна:

„Дозволете да го изразам задоволството од растењето на Платформата за демократска Македонија. ДОМ, како сериозна партија, застанувајќи зад овој документ навистина испраќа сериозни пораки на самата вредност на документот и начелата на коишто полага Платформа за демократска Македонија.

Борејќи се за регуларни, фер и демократски избори, испраќаме заедничка порака дека ова е првиот чекор кон нормализација на државата. Но надежите дефинирани во начелата како враќање на правдата, правната држава, професионализација на полицијата, департизација и деполитизација на институциите, вредностите од аспект на еднаквоста и рамноправноста на граѓаните се сериозни пораки зад коишто сите застануваме и се здружуваме.

Во тоа име, поради овој документ што се повеќе расте во подршката, испраќам порака кон сите наши граѓани за ненасилство, за мирен протест доколку одлучиле да протестираат.

Доколку гневот и револтот е голем кај нив сепак да знаат дека ова е наша Македонија и ние мора да ја чуваме. Ова се нашите полицајци и ние мора да водиме грижа за нив, но истовремено испраќам порака и до нашите полицајци да не се случува прекумерена употреба на сила заради тоа што тоа се исто така нашите граѓани , коишто имаат право на своите чувства и на своите реакции.

Знам дека и денеска има најавено протести. Секако и јас ќе бидам учесник на тие протести заради тоа што и како граѓанин се приклучувам на организацијата на невладините организации. Конечно и таму ќе апелирам, но и овде преку медиумите апелирам за мирни протести, за јасни пораки, водејќи грижа за нашата заедничка Македонија.“– рече Заев.