Обраќање на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Пред три дена донесов одлука која е исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. И по сите реакции, како и тогаш, така и сега, цврсто сум убеден дека таквата одлука ќе помогне за надминување на политичката криза и намалување на тензиите меѓу политичките противници.

Свесен сум за одговорноста која ја презедов.

Внимателно ги проследив и ги анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и ве информирам дека останувам на истата.

Уште еднаш повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него.

Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес.

Дозволете ми да констатирам дека:

– Партиите и нивните поддржувачи ги користат институциите како средство за пресметка.
– Судовите се под притисок при постапување по предмети.
– Безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме.
– Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги.

Барам претставниците на меѓународната заедница, кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги исполнат преземените обврски од Договорот од Пржино, додека потписниците на договорот да ги спроведат преземените обврски и да овозможат слободни, фер, демократски и кредибилни избори.

Ги охрабрувам сите носители на јавни функции кои извршуваат работи согласно Уставот и законите, судии, обвинители, полициски службеници и други да не подлежат на притисоци и влијанија од кого било во вршењето на своите должности. Ги охрабрувам за сите случаи јавно да проговорат и ако чувствуваат потреба да ме информираат.

Уште еднаш ги повикувам претставниците на меѓународната заедница да внимаваат на своето однесување и активности и ги потсетувам дека би можело да бидат погрешно разбрани.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат од политичките партии нивно внатрешно прочистување и промовирање на нови лица во политиката во Република Македонија.

Целта на носењето на одлуката е таа да биде гаранција дека до денот на одржување на изборите, партиите и нивните поддржувачи, работата на институциите и активноста на претставниците на меѓународната заедница нема да бидат злоупотребени и нема да влијаат во нарушувањето на изборниот процес.

Очекувам распишаните избори на 5 јуни да бидат вовед во ново поглавје за Република Македонија.“– истакна Иванов.