Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон го потпишаа проектниот документ за изработка на Втор ревидиран извештај за климатски промени.
Во таа прилика министерот Амети нагласи дека изработката на извештајот претставува продолжување на активностите кои нашата држава ги спроведува повеќе од 15 години, како одговор кон меѓународните обврски и во согласност со начелата вградени во Законот за животна средина и усвоените стратешки и плански документи на национално ниво.
„Првиот двогодишен ревидиран извештај за климатски промени е усвоен од страна на Владата на Република Македонија во месец јануари 2015 г. и истиот е поднесен до Секретаријатот на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, со што Република Македонија е првата држава во регионот и 11-та во светот која ја реализира оваа обврска. Овој Втор извештај ќе се надоврзе не само на Првиот ревидиран извештај за климатски промени, туку и на наодите од документот кој беше изработен во пресрет на Конференцијата за клима во Париз, со тоа што ќе ги дефинира и начините за мониторирање и верификување на намалувањата на емисиите на стакленичките гасови“ – изјави по тој повод министерот Амети.
Во своето обраќање, постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон истакна:
„Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) од 2000 година работи заедно со Министерството за животна средина и други партнери на изнаоѓање на практични начини за справување со реалните закани од климатските промени. Вториот двогодишен извештај за климатски промени ќе биде уште една клучна алатка за носителите на одлуки на сите нивоа за мудро и информирано создавање на политики.“– рече Винтон.
Вредноста на проектот е 425 900 УСД и ќе се спроведува во наредните две години, со поддршка на УНДП.
На билатералната средба, која претходеше на потпишувањето, министерот Амети и Винтон ја реафирмираа заедничката заложба за унапредување на соработката и во други области: упавување со водите и превенција од поплави и намалување на оптеретувањата врз медиумите на животната средина.