Министерството за здравство распиша Оглас за 100 кофинансирани специјализации за невработени и доктори кои не работат во јавни здравствени установи. Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција објави дека најголем дел од специјализациите ќе бидат за доктори кои потоа ќе работат во болници во внатрешноста на земјата.
Министерството за здравство ќе кофинансира 20 до 80 проценти од нивната специјализација и потоа ќе имаат загарантиран месечен надомест. Особено ќе внимаваме на првата дипломирана генерација на студенти од Штипскиот универзитет, имајќи предвид дека овие веќе завршени доктори се од внатрешноста на Македонија од повеќе различни градови каде што имаме недостаток на специјалисти, се со цел да се надмине проблемот со недостаток на специјалисти во повеќе градови во земјата, рече Тодоров.
Станува збор за седумдесетина доктори од првата генерација студенти од Штипскиот универзитет, кои Министерството, според најавата на Тодоров, во текот на оваа недела директно ќе ги контактира и ќе им понуди да се пријават на огласот.
Огласот ќе трае до 22 април и може да се пријават сите доктори со положен стручен испит и кои се невработени, односно не работат во ЈЗУ.
„Овој оглас го правиме врз податоците кои ги имаме од Мој термин и упатувањето од една во друга здравствена установа“,рече Тодоров.
Дваесет специјализации се за анестезиологија и, како што појасни Тодоров, во делот на интензивна нега односно КАРИЛ, каде што постојано има недостаток на ваков кадар. За педијатрија објавени се 12 специјализации од кои пет на Детската клиника во Скопје, како и 7 специјализации во општите болници во Струмица, Велес, Кавадарци, Прилеп, Кочани, Охрид и Струга. Во областа на гастроентеропатологија објавени се 8 специјализации и тоа, покрај во клиничките болници Штип и Тетово, во општите болници во Куманово, Кичево, Струмица, Прилеп, Гостивар и Гевгелија.
Шест специјализации за нуклеарна медицина се објавени за зајакнување на кадарот во ПЕТ (2), Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина (3) и во Клиничката болница во Штип (1). Од областа на гинекологија и акушерство објавени се пет специјализации, две за Кавадарци, по една за Велес, Прилеп и Кочани. Објавени се специјализации и за поголем број други области, како неврологија, кардиологија, трауматологија, ендокринологија, ОРЛ, општа хиругија, дигестивна хирургија, инфективни болести, радиологија, ортопедија и други.
„Со оваа мерка овозможуваме да се постигне балансирана дистрибуција на специјалисти на територијата на целата држава, што сериозно ќе влијае на обезбедување на специјалистичка здравствена заштита и решавање на проблемот со недостаток на специјалисти“, изјави Тодоров.
Претходно заврши огласот за кофинансираните приватни специјализации. Со неа, како што кажа Тодоров, се овозможи сите оние кои со сопствени средства си ја плаќале специјализацијата да склучат договор со Министерството и со ЈЗУ, со што приватната специјализација во еден добар сегмент ќе им се трансформира односно ќе имаат еден кофинансиран дел и загарантирано месечно примање.
Во изминатиот период во јавните здравствените установи, по разни основи, се примени околу 4.000 здравствени работници.