Единствениот македонски претставник во најгледаното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Ристе Ристески е пред нов предизвик.
Имено, откако успеа да ги помине првите три круга на „Ѕвездите на Гранд“ и доби ексклузивна покана за да го отвори големиот солистички концерт на Саша Ковачевиќ во Скопје, нашиот претставник се наоѓа пред нов предизвик од кој ќе зависи неговиот понатамошен ангажман во најголемата српска продукција.
Согласно новите правила во шоуто, кандидатите кои ќе го поминат четвртиот круг во кој критериумите на шесточленото жири се екстремно високи, ќе добијат можност да потпишат пристапен договор кон продукцијата „Гранд“ и понатаму за нивната кариера ќе се грижи менаџментот на продукцијата.
Нашиот претставник Ристе Ристески денеска (понеделник, 18 април) ја снима својата емисијата од четвртиот круг, а со себе за да му држи среќа го зема својот татко, за кого вели, му е најголема поддршка во животот.
„На пат за Белград, се снима четвртиот круг на „Ѕвездите на Гранд“, а овој пат сум со мојата најголема поддршка, мојот тато. Заедно со поддршката од сите кои ме сакаат и поддржуваат во натпреварот на едно од најголемите балкански талент шоуа да стигнеме заедно до врвот и да ги оправдам очекувањата на цела Македонија. Фала уште еднаш за огромната поддршка која ми ја пружате. Ве обожавам,“ напиша Ристе над фотографијата со својот татко која ја постави на Фејсбук пред патот кон Белград..
Како потсетување, во изминатите денови одредени српски медиуми се обидоа да го нарушат угледот и рејтингот кој го ужива шоуто „Ѕвездите на Гранд“ со информација дека гледачите ја следат последната сезона, но сопственикот на продукцијата, Саша Поповиќ веднаш ги демантираше информациите и откри дека многу наскоро ќе има аудиција за следната сезона.