Обем на стоковната размена со странство

Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари-декември 2013 година изнесува 4 298 772 илјади САД долари, а на увозот 6 619 586 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 64.9%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2013 година, изнесува 2 320 814 илјади САД долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени одбитуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.

Во периодот јануари-декември 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (72.6%) и земјите од Западен Балкан (17.6%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (62.7%) и останатите земји на друго место неспомнати (11.6%). Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (50.0% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).