Санација на четири вредни примероци на староградската охридска архитектура

Во рамките на проектот на Министерството за култура за реставрација и конзервација на фасади на старите градски јадра, кој се реализира од 2012 до 2017 година, во Охрид во тек се активностите за обнова на четири објекти кои ја отсликуваат староградската архитектура и кои комплетно сведочат за оригиналноста, препознатливоста и специфичноста за охридскиот стил на градба.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, како надлежна установа од областа на заштитата на недвижното културно наследство, во Старото градско јадро на Охрид ги реализира проектите за: статичко зајакнување и конзервација на куќата од старото охридско семејство Котушеви; конзерваторско-реставраторски работи на фасади на два објекта лоцирани на репрезентативната улица „Самуилова“, и тоа куќата на семејството Маринови и куќата семејството на Драги Рауник, како и статичко зајакнување и конзервација на куќата на Димзови.

fotografija_2-001

Сите објекти ќе бидат завршени до крајот на годинава со што ќе бидат зачувани автентични примероци на охридската староградска архитектура, објекти кои се карактеристичен пример за конструкциите и облиците на традиционалните градби и урбанистичките концепции на крајот од 18 век.

Минатата година стручните екипи на Заводот и музеј -Охрид ги завршија реставраторските активности на три други објекти, и тоа: куќата на семејството Ѓурчинови лоцирана на кејот „Маршал Тито“ бр. 3, магазата лоцирана на источната страна од чаршијата во непосредна близина на Чинарот во Охрид и објектот лоциран на ул. „Св. Климент Охридски“, познат како Радио Охрид.

fotografija_1-001