Груевски за аргентински „Ла Насион“: Нудиме најниски трошоци за водење бизнис

Две недели по завршувањето на посетата на македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски на Аргентина најтиражниот и нејреномиран аргентински дневен весник „Ла Насион“ во своето викенд издание објавува статија посветена на можностите кои ги нуди Македонија за аргентинските компании, во која премиерот Груевски ги истакнува ниските трошоци за водење бизнис и најнискиот даночен пакет во Европа, стабилното макроекономско опкружување и можностите за интензивирање на економската соработка помеѓу македонската и аргентинската страна.

– Премиерот Никола Груевски дојде во земјата за да оствари бизнис релации. Тој е нетрпелив да ги опише поволностите што ги нуди економијата на неговата млада земја за оние меѓународни компании кои сакаат таму да инвестираат. Со оваа мисија тој пред две недели ја посети Аргентина и се сретна со потпретседателот Амадо Буду, директорот на аргентинската Управа за јавни приходи АФИП, Рикардо Ечегарај, како и со раководни лица од Индустриската унија на Аргентина (ИУА). Во разговор со „Ла Насион“ ја потенцираше заложбата на неговата Влада за подобрување на социјалниот стандард на македонскиот народ, напредокот на земјата од 94 на 23 место според рангирањето на Светска Банка. Со цел истакнување на она што е атрактивно, потенцира дека Македонија има договори со сите земји од Европската унија, а тоа е она што на една компанија што е основана таму и дозволува да извезува на европските пазари без плаќање царински давачки. „Освен тоа, нудиме најнизок трошок за правење бизнис“, се вели во статијата на овој дневен аргентински весник.

Груевски, се додава во неа, кој е на 42 годишна возраст, посочува дека Македонија е земјата која има најниски даноци во цела Европа.

– Покрај тоа, имаме и економски зони во кои компаниите кои инвестираат не плаќаат данок на добивка и персонален данок на доход во првите десет години. Ниту, пак, плаќаат царински давачки за увоз на суровини за нивно производство, објаснува премиерот за аргентинскиот „Ла насион“.

Поради сето ова, се додава во статијата на весникот, малата земја од 25.713 км², која станала независна во 1991 година, привлече повеќе мултинационални компании, кои ја користат оваа платформа за да ги извезуваат своите производи во целиот свет.

Што се однесува до областите во кои гледа најголеми можности за правење бизнис помеѓу Аргентина и Македонија, Груевски ги посочува земјоделството, автомобилската индустрија, хемиската и текстилната индустрија.

– Со многу стабилна економија, инфлација од одвај два проценти, валута (денар) поврзана со еврото и силно скратување на државната бирократија, Македонија се чини дијаметрално спротивна на Аргентина. Дотолку повеќе, кога се консултира Груевски за аргентинските предизвици за соработка и тоа во однос на локалните бариери за увозот, високата инфлација, падот на доларот, затвореноста на надворешната трговија, тој вели дека верува во тоа дека тие состојби ќе се променат со текот на времето и дека ќе можат да се остварат бизнис релации помеѓу двете земји, се наведува во статијата.

Во неа е пренесен ставот на премиерот Груевски дека од неговата посета на Индустриската унија на Аргентина дека успеал да го постигне она што било планирано, а тоа било запознавање на локалната индустрија со бизнис потенцијалите на Македонија и воспоставување конекции со поединечни претприемачи. Освен тоа, од неговата средба со Буду и Ечегарај, произлегло и потпишувањето на Меморандумот за разбирање за заштита на инвестициите во двете земји. Друг чекор, според Груевски, би бил потпишување договори за избегнување двојно оданочување.

– Билатералната трговија помеѓу двете земји е многу ниска во реалноста: одвај 50 милиони евра. Шеесет проценти од извозот на Македонија е во Европската унија, додека 30 проценти е во земји кои не се членки на Европската унија, но кои се со неа поврзани. Од она што претежно се извезува, како главни се издвојуваат автомобилски делови, челик, текстил, земјоделски, хемиски и фармацевтски производи. И покрај тоа што е доста поврзана со ЕУ, Македонија успеа да ја избегне кризата, бидејќи, како што вели нејзиниот премиер, во добриот период помеѓу 2006 и 2008 година во кој се наоѓала земјата (БДП забележал расход од 5 проценти), одлучиле да го намалат долгот на одржливо ниво (во тој момент бил приближно 40 проценти од БДП, но го намалиле на половина). Освен тоа, се спроведуваат континуирани реформи, меѓу кои и „регулаторна гилотина”, со која се елиминира голем дел од бирократијата за правење бизнис, пишува во статијата на аргентинскиот „Ла насион“.

Начелото од кое се води Груевски, се додава во неа, е што повеќе интернационални компании да отворат свои производни центри во Македонија и оттаму да извезуваат во остатокот од светот. – Ние дојдовме сега во Аргентина, за компаниите од оваа земја да се приклучат на бранот и отворат свои фабрики таму, го пренесува „Ла насион“ заклучокот на македонскиот премиер Никола Груевски.