Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски го повика министерот за финансии Зоран Ставревски веднаш да ја одблокира исплатата на правата на граѓаните и да престанат манипулациите со ранливата категорија на граѓани на кои овие средства им се единствени месечни примања.
„Еве до каде одат лицемерните политики на Груевски и неговиот кум и министер за финансии Зоран Ставревски! Пред да стигнат лажните обвинувања и клевети дека министерката Ременски ги кочи проектите во Министерството за труд и социјална политика и правата на граѓаните на граѓаните на Република Македонија сакам да им обелоденам кој е главниот кочничар на исплатата на средствата што ги очекуваат од Министерството. И покрај уредно и навремено потпишаните и доставени за исплата обврски кон граѓаните и други субјекти, од средината на март во трезор во Министерството за финансии стојат нереализирани исплати кон граѓаните и тоа за:
породилно боледување 195.069.448, 00 денари;
цивилна инвалидност 6.517.066, 00 денари;
мобилност и слепило 59.676.000, 00 денари;
постојана парична помош 30.132.282, 00 денари;
сместување во згрижувачко семејство 3.313.027, 00 денари;
парична помош за студирање 4.024.311, 00 денари
детски додаток 10.291.042, 00 денари
ЕПП за новороденче 3.562.070, 00 денари
родителски додаток за трето дете 207.723.161, 00 денари
родителски додаток за четврто дете 11.729.412, 00 денари
посебен додаток 35.783.890, 00 денари”, рече министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски на конференцијата за медиуми.
Или, како што рече таа, за правата од социјална и детска заштита за месец март има вкупно нереализирани исплати кон граѓаните во висина од 375.051.571,00 денари.
Ташевска-Ременски уште информираше дека: „Во трезор стојат неисплатени и :
средствата за заштитните друштва кои вработуваат инвалидизирани лица во висина од 64.402.617,00 денари;
средства за здравствено осигурување 8.689.231,00 денари;
средства за бањите кои даваа услуги за бањско климатска рекреација на пензионерите 10.755.722,00 денари;
паричната помош за граѓаните за опожарени куќи и лекување 240.000, денари, и др.
Или вкупно неисплатени близу 12 милиони евра”.
Токму затоа министерката Ташевска-Ременски го повика минстерот Ставревски да ја одблокира исплатата.
„Го повикувам министерот за финансии веднаш да ја одблокира исплатата на правата на граѓаните и да престанат манипулациите со ранливата категорија на граѓани на кои овие средства им се единствени месечни примања”.
Во врска со распределбата на социјалните станови и обвинувањата коишто деновиве повторно се актуелни, а се насочени на нејзина адреса дека го кочи процесот на потпишување, односно доделување на социјални станови, министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски рече дека е убаво што се отвора и ова прашање бидејќи имаше демант во врска со овие написи коишто беа популарни пред дваесетина дена којшто е објавен и на официјалната веб страна на Министерството за труд и социјална политика, но во контекст, и во светлина на интервјуто на министерот за транспорт и врски за една од телевизиите вчера рече:
„Сакам да ги отфрлам и да ги демантирам сите овие обвинувања коишто доаѓаат на моја сметка, а се однесуваат за некакво блокирање на доделување на социјални станови на ранливи категории на граѓани. Имено, станува збор за следново: По сите спроведени процедури од страна на Mинистерството за транспорт и врски и со помош на логистика и целокупен увид на состојбите од страна на центрите за социјални работи во изминатиот период е спроведено рангирање врз основа на нивните апликации и софтвер на сите апликати коишто аплицирале за социјални станови. Министерството за труд и социјална политика во делот на таа комисија учествува со двајца претставници и целокупната постапка ја води Министерството за транспорт и врски. По прибраните целокупни документации по внес на сите податоци во системот и софтверот е направена прелиминарната листа на добитници на социјални станови. Меѓутоа, од сите 76 рангирани во прелиминарната листа на Министерството за транспорт и врски, за министерството било спорно само едно лице коешто е едно од најдобро рангираните лица и на прелиминарната листа и на листата на апликати од Ццентарот за социјални работи во Прилеп којшто припаѓа на категоријата деца без родители и родителска грижа. Од страна на транспорт и врски до Министерството стигна барање да се направи дополнителен увид во условите во кои што живее ова лице за да се констатира истото што веќе еднаш го констатира Комисијата. И тоа е направено од наша страна и е доставено мислењето до Министерството за транспорт и врски. До денеска, од неразбирливи причини, Министерството за транспорт и врски упорно одбива да ја обезбеди или да ја прогласи за конечна токму таа прелиминарна листа на која што воопшто не е спорно ниту едно лице, па ни лицето на кое што се алудираше. Во тој контекст, ова е уште една манипулација со ранливата категорија на граѓани како што спомнав и во претходното мое кажување. И денеска до министерот за транспорт и врски упатувам јавно барање за извинување по однос на оваа клевета што ја упати до мене и ќе стоиме на нашите заложби Министерството за труд и социјална политика да се грижи подеднакво за сите што се во социјален ризик”.