Запленето оружје, акцизни производи, дрон, лекови, девизи и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани пиштоли, муниција, петарди, ракија, цигари, технички производи, дрон, лекови, девизи, алуминиумски спојки, делови за огради и бижутерија. Откриена е и една царинска измама.

Задржана е следната стока:

Оружје, муниција и пиротехника

– 2 пиштоли марка WALTHERР22 и WALTHERPPCAL 22 LR, 100 парчиња муниција KNALL 9mmP.A и R100 и 40 петарди Knallkorper Super – Boller II Feuerwerk, откриени при контрола на товарно возило со германски привремени таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Возачот пријавил дека со себе носи три употребувани велосипеди и лични работи, но при контрола на приколката, во просторот за палети, во кеса, завиткан во крпа е пронајден 1 пиштол WALTHERР 22 и 100 парчиња муниција, во друга кеса, во внатрешноста на една ракавица е пронајден уште 1 пиштол WALTHERPPCAL 22 LR, додека во трета кеса се пронајдени 40 петарди Knallkorper Super – Boller II Feuerwerk.

Предметот е предаден на Секторот за контрола и истраги, од каде по собирањето на сите докази, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрсткувачки материи” .

Ракија и цигари

– 95 литри ракија, откриени во два одвоени случаи при контроли извршени на два македонски автомобили.
Во првиот случај, при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, извршена од страна на мобилните царински тимови, на патниот правец Велес – Скопје, во близина на наплатната рампа кај Велес, во багажниот простор и на задните седишта на возилото, се пронајдени 85 литри домашна ракија, за кои возачот не поседувал документ за платени акцизни давачки.

Во вториот случај, при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во две картонски кутии сместени во багажникот на возилото, пронајдени се 10 литри ракија „Препеченица” со српски акцизни маркички.

Во двата случаи, алкохолните пијалоци се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

– 90 штеки цигари (79 штеки MARLBORO, STYLE SLIMS, LUCKY STRIKE, DAVIDOFF и BOSS GOLD со македонски акцизни маркички и 11 штеки цигари L&M и Sobranie со српски акцизни маркички), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при контрола на два куфери, сопственост на српски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Малме, Шведска. Непријавените цигари се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Техничка стока

-880 разни технички производи (миксери, блендери, соковници, торби за правосмукалка, апарати за кафе, правосмукалки, фритези, тостери, апарати за леб, пегли за коса, ножеви, машинки за потстрижување, тримери, пегли, фенови и тави), откриени при контрола на стока од испраќач од Словачка, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Стоката не била опфатена со царинските документи и поради тоа е привремено задржана. Против увозникот ќе бидат превземени соодветни законски мерки.

– 1 дрон и 2 електронски контролни табли, откриени во два одвоени случаипри контрола на два грчки автомобили, управувани од грчки државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.

Во првиот случај, во пластичен куфер сместен во багажникот на возилото, покриен со торби и ранци, пронајден е 1 дрон Phantom professional mod.W323A, додека во вториот случај, под патосниците под возачкото седиште, пронајдени се 2 електронски контролни табли марка Komatsu.

Во двата случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Лекови

– 2.655 разни таблети (Janumet 50mg/1000mg, Optisama mit vitamin C, L-Thyroxin Henning 75, Atorvastatin Abz 20 mg и 40 mg, Ibuflam 600mg, Amlodipin Hexal 10mg и Valsartan 160mg /25mg), 23 инекции инсулин Lantus solostar, 300 ленти за проверка на шеќер во крвта Contour next и 100 игли за инсулин DB-Micro-Fine Ultra 4 mm, откриени при контрола на македонски автобус што сообраќал на релација Хамбург – Охрид, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи се пронајдени во два куфери, сопственост на возачот – македонски државјанин. Стоката е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Девизи

– 2.500 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во предниот џеб од фармерките на возачот се пронајдени 4.500 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена соодветна постапка.

Останато

– 466 парчиња накит-бижутерија (ѓердани, синџирчиња, нараквици, обетки и брошеви) и 17 сувенири (крстови и колички), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Делчево се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во куфер во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка. Покрај тоа, во рачната ташна на сопатничката се пронајдени бугарска лична карта која гласела на име на возачот и 1 бугарски пасош на име на друго лице, кои се предадени на полициските службеници за понатамошна проверка.

– 200 алуминиумски спојки и прстени и 19 делови за огради, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Царинска измама

Во Царинска испостава Скопје 1 откриен е обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Гостивар пријавил за увозно царинење метални полици, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 12% и стапка за ДДВ од 5%. При извршен документарен и физички преглед на стоката, царинските службеници утврдиле дека производите треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената состојба, пресметани се дополнителни увозни давачки од над 27 илјади денари, а против увозникот ќе бидат превземени соодветни законски мерки.