Со видео презентација, претставување на техничката спецификација и вредноста на целиот проект, денес, беше промовирано новото улично осветлување во Охрид.
Градоначалникот Бакрачески, ја изрази придобивката од реализацијата на проектот, потенцирајќи ги пред се финасиските придобивки, заштеда на електрична енергија, реконструкција на постојната мрежа како и нејзино проширување и заштита на животната средина.
„Од информациите што ги имавме од терен, од спроведената ревизија, дваесет до триесет проценти од уличните светла во Охрид, беа надвор од функција. Тоа е разбирливо ако се има во предвид дека се работи за стари инсталации и ако се има во предвид дека се работи за помалку квалитетни светилки. Може да бидеме комотни во нашите претпоставки и како граѓани на Охрид, дека во наредните години додека трае договорот за јавно приватно партнерство, односно со инсталирање воопшто на системот за ЛЕД улично осветлување, градот Охрид ќе има осветлени улици и осветлени површини насекаде, а особено во селата што не беше случај во минатото. Друга придобивка е како град кој што претставува најзначаен туристички бренд во Македонија и град кој што е заштитен од УНЕСКО по своето природно и културно наследство ние имаме обврска постојано да го разубавуваме и постојано да се грижиме за угледот на градот онака како што сме го затекнале со децении наназад. Последна придобивка од уличното осветлување е она што ние како град Охрид постојано во сите наши проекти го имаме во предвид, а тоа е заштита на човековата околина, сепак ЛЕД светилките не ја загадуваат човековата средина, не собираат инсекти и не собираат прашина“, истакна градоначалникот Бакрачески.
За реализација на овај голем проект беа вклучени повеќе оперативни екипи кои ги извршуваа градежните активности во изминатиов период. Во рамки на проектот беа опфатени промена на 5197 светилки од 21 ват, 914 светилки од 25 вати, 937 светилки од 50 вати, 663 светилки од 27 и 36 вати, 54 рефлектори од 150 вати за осветлување на плоштади и установи од национално значење и културно – историските споменици, а вкупно се заменети 7872 светилки и поставени се 461 автентични охридски фенери во Стариот дел на градот. Вкупната вредноста на инвестицијата изнесува 3 506 000 евра.
Амбасадорот на Република Чешка во Македонија, Мирослав Рамеш, истакна дека секоја соработка помеѓу чешките и македонските фирми е можност чешката амбасада да ја истакне својата економска димензија.
Република Чешка и Република Македонија ги поврзуваат пријателски односи што овозможува се повеќе да се концентрираме на взаемното развивање на економските активности и тоа не само во зголемувањето на трговската размена туку и во развивање и на другите форми за соработка, рече Амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Рамеш.
Директорот на ИЦС Системи подвлече дека уникатноста на инвестицијата е во тоа што се замена целосното осветлување на територијата на Охрид.
„Проектот претставува еден главен фундамент во осветлувањето на градот. Станува забор за доста штедливи светилки кои заштедуваат речиси 80% од електричната енергија. Исто така тие не влијаат штетно врз животната средина“, изјави Либор Сладки.
Реализацијата на овој проект се одвива во рамки на договорот за јавно приватно партнерство помеѓу општина Охрид и чешката фирма „ИЦС Системи“, од Карлови Вари.