Во пресрет на велигденските празници општина Охрид во соработка со Црвен Крст Охрид, денес додели 40 пакети на социјално загрозени семејства. Пакетите се составени од прехрамбени производи, средства за лична хигиена и со производите кои беа собрани во рамки на Неделата на солидарноста која се спроведе во охридските училишта.
„Јас секогаш кажувам дека ова е чин кога оние кои имаат малку повеќе им даваат на оние кои имаат малку помалку. Се надевам дека бројот на хуманитарни пакети, во иднина, ќе биде што помал, а можностите за овие луѓе ќе бидат што поголеми, преку вработување, развој на индустријата, со што ќе им се овозможи подобар живот“, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Претседаателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков изрази голема благодарност до Локалната самоуправа и до сите граѓани кои несебично донираат за оние на кои им е најпотребно.
„Црвен крст е инстуитуција која помага и е линк меѓу оние што се хумани и сакаат да помагаат и оние на кои им е потребна помошта. Ние ги имаме базите на податоци, кои постојано се надополнуваат со податоци од нашата мрежа волонтери, ги евидентираме, проверуваме на терен и потоа им помагаме“, истакна Точков.
Доделувањето на преостанатите хуманитарни пакети ќе продолжи и во текот на наредната недела. На настанот беа поканети координаторот и членовите на комисијата за еднакви можности.