Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот со апел да се почитуваат сообраќајните правила

Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, во пресрет на Велигденските и првомајски празници, од  Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.

„Во услови кога во Охрид веќе бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, да се користи безбедносниот појас, да не се користи мобилниот телефон а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната но и за безбедноста на останатите.“- велат од ОСБСП Охрид.

Додааваат дека возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, да држат безбедно расојание и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Велат, моторциклистите, задолжително да користат заштитен шлем-кацига неопходна и за сопатникот на моторциклот, да внимаваат на брзината на движење и безбедно да вршат претекнување или промена на страната на движење со навремено вклучување и користење на жмигавци.

„Пешаците, обврзно да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници. Велосипедистите, дисцилинирано да се движат по обележаните велосипедски патеки, исклучиво да ја користат десната страна за движење по коловозната лента, да вршат сигнализирање со рака за секоја промена на управување со велосипедот, внимателно да се движат покрај паркирани автомобили, задолжително да користат предно и задно светло при ноќно управување на велосипед.

На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи.“– додаваат од ОСБСП Охрид.