Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:
„Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи.
Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Велигден го празнува животот од кој се раѓаат љубовта и надежта како симболи на победата над смртта. На верниците од православна вероисповед и на верниците на Евангелско-методистичката црква им посакувам верба во срцата, меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање – вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани.
Христос воскресна!
Навистина воскресна!“- стои во честитката.