Во врска со интервјуто на директорот на ЦОУ „Дебарца“ Иван Димоски за WebOhrid, ОО на СДСМ Дебарца излезе со реакција во која стои:
„Од интервјуто на Директорот на ЦОУ Дебрца –Белчишта дадено по повод неговите сто дена од доаѓањето на директорското место недвосмислено произлегува дека неговиот најголем успех била приредбата и коктелот по повод патронатот на училиштето. Единствената црна дамка на овој настан било оправданото отсуство на градоначалникот на општината. Е, браво Директоре, многу голем успех сте направиле!
За неговото тврдење дека ги затекнал училиштата кои безмалку се распаѓале, па ги довел во добра состојба не сакаме многу да коментираме, туку сакаме само да го потсетиме дека претходната локална власт многу инвестира во училиштата во општината (новоизградено училиште во Горенци, реконструирани училишта во Белчишта, Злести, Лешани, Велмеј, Ботун, Требеништа, Мешеишта), така да констатацијата не држи место.
Во однос на тврдењето дека негова заложба била да создаде меѓусебна доверба со вработените во училиштето, искрено, можеби ќе поверувавме ако не извршеше партиска чистка врз вработените, на почетокот на оваа учебна година. Шест наставници и еден стручен соработник на нечовечки и непрофесионален начин ги избркавте од работа. На нивно место се донесени неискусни наставници, исклучиво по партиски критериум. Кон ова треба да се додадат и прераспоредувањата на наставници и помошен персонал од едно во друго училиште, мотивирани исклучиво од партиски реваншизам. Наставници кои повеќе од 25 години работеле во исти подрачни паралелки се прераспоредени во други подрачни паралелки. Ова се Вашите “дела” и меѓусебна “доверба” Директоре.
На крајот зборувате за нови училишта со кои ќе сте ги заменеле старите српски училишта. За кои српски училишта зборувате Директоре? И тие училишта градени од 1924 до 1936 година кои се градени во Кралството Југославија се македонски училишта, градени исклучиво со средства на македонското население, а окупацијата во тоа Кралство Македонецот никогаш не ја признал. Искрено, како член на “најпатриотската” партија очекувавме оваа лекција од историјата да ја знаете.“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Дебарца.