Катастарот годинава ќе врши бесплатно запишување сопственички права на права на недвижности во 29 нови катастарски општини во руралните средини.
Катастарските општини се утврдени со Годишната програма за ажурирање податоци по службена должност за 2016 година што ја усвои Владата на седницата на 26 минатиот месец, со цел натамошно намалување на процентот на катастарски парцели со неутврдени сопственички права.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески денеска апелира сите граѓани и правни лица кои поседуваат имот во катастарските општини опфатени со програмата да поднесат пријава до надлежното одделение и да приложат соодветна документација за да докажат право на сопственост, како што се пресуди, договори, акти на државни органи, наследни решенија, поседовни листови. По ова, посочи, Катастарот ќе изврши бесплатно запишување на правата на сопственост.
„Со програмата точно се наведува периодот во кој треба да бидат поднесени барањата, кој секако на нивно барање го продолжуваме. Потоа по поднесување на барањето Катастарот излегува на лице место заедно со граѓанинот врши идентификација каде точно се наоѓа недвижноста по што следи и запишување и издавање имотен лист,“ рече Трпески.
Доколку граѓаните не се пријават, потенцира, Катастарот ќе направи напор да изврши идентификација и ќе ги запише правата на сопственост, но не може да се гарантира дека точно ќе бидат запишани. Затоа апелираме до сите граѓани да ја искористат можноста и бесплатно да си го запишат правото на сопственост, наведе Трпески.
Со усвоената програма за годинава е предвидено катастарското одделение во Велес да врши бесплатно запишување на правата на сопственост за катастарските општини: Горно Врановце, Долно Јаболчиште, Тетово, Ореше, Нежилово, Буслица, Папрадиште и Подлес, гостиварското одделение општините: Зубовце, Горно јеловце, Пожаране, Галате и Ново село 2, а кочанското: Цера, Рајчани, Нивичани и Полаки. Одделението во Куманово ќе запишува сопственички права за катастарските општини Пелинце и Длабочица, во Македонски брод се опфатени општините Крапа и Волче, во Радовиш: Прналија, Шипковица, Козунбар, Коџалија и Штурово, а одделението во Штип: Ебеплија, Голем Габер и Мал Габер.
Во Македонија има вкупно 4.047.000 катастарки парцели, а 9,9 проценти се со неутврдени права на сопственост. Во изминатите две години се вршеше впишување на парцели во 104 катастарски општини од вкупно 205 катастарски општини каде што процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 проценти. Во тие две години, како што информира Трпески, мерката ја искористиле околу 10.000 граѓани и правни лица на кои бесплатно им е утврдено правото на сопственост на над 16.000 катастарски парцели. Заедно со програмата за годинава досега се опфатени 133 катастарски општини, а со наредната програма треба да бидат опфатени останатите 72 општини.
Со измени на Законот за катастар на недвижности во 2013 година се овозможи за катастарските општини каде процентот на неутврдени права на сопственост е поголем од 20 проценти, врз основа на Годишна програма донесена од Владата, а по поднесена пријава од граѓани и правни лица, Катастарот да изврши бесплатно запишување на правото на сопственост.