ДЗС: Извозот бележи раст за 4,3% во првиот квартал годинава

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-март годинава изнесува 1.086.103.000 долари и бележи пораст од 4,3 проценти во однос на истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока во првиот квартал од годинава изнесува 1.497.696.000 долари, што е за 2,2 процента повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-март годинава, изнесува 411.593.000 долари.

Tрговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-март годинава, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.