Обука за примена на интерактивни методи во наставата во средните училишта

Повеќе од 7000 наставници од јавните средни училишта во земјата се опфатени со обука за подобрување на квалитетот на интерактивната настава, која започна вчера и ќе се реализира до крајот на јуни.

Обуката е дел од проектот „Современи методи и техники на настава“ и има теоретски дел и поддршка во самата настава со практични примери, за да се поттикне креативноста на наставниците и учениците, да се развие критичкото мислење кај учениците и да се создадат предуслови за поголемо користење на дигиталните содржини.

На првиот ден од обуката, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ, го посетија СУГС „Васил Антевски-Дрен“. Ристовски истакна дека се работи за еден од исклучително значајните проекти и процеси кои министерството и бирото ги спроведуваат годинава, со поддршка на “University College London“ кој на Шангајската листа е рангиран во топ 20-те во светот.

„Универзитетот во Лондон во првата фаза од овој процес изврши комплетна обука за зголемување на компетенциите, вештините и полесна имплементација на процесот на интерактивна настава кај советниците во Бирото, кои беа обучени да бидат мастер-тренери. Сега таа обука, советниците ја пренесуваат на сите наставници во средните училишта во Македонија“, рече Ристовски, додавајќи дека овој проект е корисен за наставниците, а дека најголем бенефит ќе имаат учениците.

Директорката на Бирото Весна Хорватовиќ рече дека наставниците ќе добијат сертификат кој е признат од Бирото за развој на образованието и од “University College London“ и дека тоа ќе им помогне во нивниот професионален и кариерен развој.

Инаку, обуката се состои од осумчасовна теоретска обука и осумчасовна поддршка во самите училишта од страна на советниците.