Во рамки на одбележување на патрониот празник на ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, денес со пригодна програма во употреба беше пуштена просторија за работа со ученици со посебни потреби. Целосното реконструирање на постоечката просторија, изградбата на посебно катче за учениците со посебни потреби, како и опремување на истото, беше проект кој се реализира благодарение на донација од ДООЕЛ „ЛТХ Леарница“.
„Оваа просторија е повеќенаменска, така што освен како катче за учениците со посебни потреби, може да се користи и за други активности, што ги имаме многу“ – велат од училиштето.
На пригодната свеченост беа присутни претставници од фирмата „ЛТХ Леарница“, кои го истакнаа нивното задоволство од можноста да бидат општествено одговорни и да помагаат за подобрување на условите за учениците, посебно за оние со посебни потреби. Нивната желба е сите субјекти и институции што повеќе безрезервно да го помагаат образованието, бидејќи тоа е нашата иднина. Најавија дека нивната соработка со ОУ „Ванчо Николески“ во иднина ќе продолжи во насока на запознавање на учениците со работата и производството во нивната фабрика.
Во реализација на овој проект, освен ДООЕЛ „ЛТХ Леарница“ своја поддршка дадоа и фирмите „Аце Вела“, „Кентерс“ и „Металпекс 2013“, на кои училиштето исто така им изрази благодарност.
Одбележувањето на патрониот празник на ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец денес започна со полагање свежо цвеќе на гробот на Ванчо Николески и литературно читање, а продолжува со низа активности и во наредните денови. На 13-ти Мај во 18:00 часот, ќе се заокружи со свечена програма во НУЦК „Григор Прличев“.