Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„До донесувањето на Законот за водостопанство, за наводнувањето на земјоделските површини на подрачјето на општина Дебрца се грижеа трите водни заедници: Водната заедница „Голема река“ – с.Велмеј, формирана за хидромелиоративна единица за подрачјето на КО-Велмеј, КО-Лешани и КО-Белчишта, Водната заедница „Сатеска“ – с.Мешеишта, формирана за хидромелиоративната единица за подрачјето на КО-Мешеишта и КО-Климештани и Водната заедница „Бел мост“ – с.Волино, формирана за хидромелиоративна единица за подрачјето на КО-Волино, а кои беа формирани согласно Законот за водните заедници. Овие подрачја за кои беа формирани водните заедници се надвор од хидросистемите, од причина што на овие територии нема изградено никакви хидротехнички објекти со кои се уредува режимот на користење на водите, како брани, акумулации, канали за наводнување, распределителни градби или некоја друга придружна инфраструктура. Зафаќањето на водата за наводнување од водотеците на Голема река и реката Сатеска се врши на крајно примитивен начин, со примитивни зафати, подигнати од нафрлани камења, гранки од околната вегетација, дрвени колци, најлони, вреќи со песок и слично. Главните канали по кои се носи водата се земјени јазови, а и целокупната секундарна мрежа ја сочинуваат земјени бразди за наводнување, без никакви современи хидротехнички градби.
И во такви услови и состојба со мрежата за наводнување, водните заедници во десетгодишното свое постоење успеваа, во рамките на можностите да обезбедат вода за наводнување за сите пријавени водокорисници и да ја вршат дејноста за која беа основани, односно без никаква поддршка на државата и локалната самоуправа, исклучиво со сопствени средства на водокорисниците успешно одговорија на целите на Законот за водните заедници, ги вршеа законски утврдените дејности, остана функционални и со далеку пониски цени на надоместок за наводнување од оние на поранешното водостопанство покажаа позитивни финансиски резултати.
Со законската реформа на системот на водостопанството на Република Македонија, која беше спроведена со донесувањето на Законот за водостопанство , кој започна да се применува од 01 октомври 2015 година и со Законот за престанување на важењето на Законот за водните заедници, користењето, управувањето, одржувањето и стопанисувањето со системите за наводнување од дотогашните водни заедници е пренесено на новоформираното Акционерско друштво во државна сопственост, „Водостопанство на Република Македонија“, како вршител на водостопанска дејност. За наводнувањето на земјоделските површини на подрачјето на општина Дебрца надлежна е новоформираната подружница на АД Водостопанство, „Црн Дрим“, со седиште во Охрид.
Меѓутоа, од тогаш до денес од страна на АД Водостопанство, односно подружницата „Црн Дрим“ на терен не е преземена никаква активност за остварување на надлежностите утврдени со Законот за водостопанство. Така, иако се наоѓаме пред почеток на сезоната за наводнување, која започнува со засадување на градинарските култури, од страна на АД Водостопанство не се преземени никакви активности за обезбедување на вода за наводнување, како подигнување на зафатите на речните корита и чистење на земјените јазови и бразди за наводнување. Активност, која искуствено започнуваше на почетокот на месец март. И не само тоа. До денес пред земјоделците не е појавен ниту еден претставник на АД Водостопанство, односно на неговата подружница да ги информира земјоделците-водокорисници кои се плановите и како се планира да се обезбеди вода за наводнување.
Оттаму, водокорисниците со право се загрижени дали воопшто оваа година водата ќе стигне до нивните земјоделски површини. Доколку се точни непотврдените информации дека вршителот на водостопанската дејност за оваа година воопшто и не планира чистење на јазовите и браздите за наводнување (што не е далеку од вистината, ако се има во предвид дека до денес тоа воопшто не е започнато) тогаш во целост ги поддржуваме водокорисниците во нивните укажувања дека без нивно чистење воопшто не е можно наводнување, како и нивните оправдани барања за обезбедување на квалитетно наводнување.
Поради тоа, апелираме, АД Водостопанство, како вршител на водостопанската дејност веднаш, без одлагање да започне со остварување на своите надлежности, утврдени со член 5 и член 9 од Законот за водостопанство, а првенствено обезбедување на оптимални услуги на корисниците на вода за наводнување, како и одржување и обезбедување ефикасно и одржливо функционирање и користење на системот со кој стопанисува.
За таа цел, наместо да се вработуваат партиски кадри за вршење на административни и канцелариски работи, да се ангажираат повеќе работници за работа на терен, односно за чистење на мрежата за наводнување.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.