Во период од 10 до 12 мај 2016 година, во Регионалниот тренинг центар на Светската царинска организација во Скопје, Царинската управа, во соработка со Светската царинска организација и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, организира работилница за управување со ризик.
Проценката и управувањето со ризик има огромно значење во царинското работење и суштествено во проактивното донесување на одлуки значајни за успешното спроведување на царинските контроли Управувањето со ризик овозможува навремено преземање на соодветни мерки, дејствија и акции со кои ќе се спречи, намали или избегне ризикот и последиците, односно ќе се намалат или избегнат негативните ефекти.
Токму затоа, целта на оваа работилница, на која учествуваат царински службеници од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, е подобрување на програмите за овластените економски оператори, размена на мислења, искуства и најдобри практики. Работилницата е фокусирана на оперативните аспекти на управувањето со ризикот со цел нагласување на улогата на операциите на терен, аспектите на употребата на претходна информација во врска со економските оператори и нивните операции итн.
Инвестирањето во човечките ресурси е значен сегмент во работењето на Царинската управа на Република Македонија, а соработката во тој поглед, со царинските администрации во регионот и пошироко, со приватниот сектор, меѓународните организации и академските институции е една од стратешките определби на Царинската управа.