Вчера и денеска, во Софија, Република Бугарија, се одржува Меѓународна министерска конференција: „Соочување со демографските предизвици во земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа” која што е организирана од страна на Министерството за труд и социјална политика во партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, а под покровителство на бугарското претседателство со канцеларијата на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Свое учество на министерката конференција зеде и министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски која говорејќи на темата рече дека во последните децении, Република Македонија се соочува со бројни социо-економски и политички предизвици кои имаат влијание врз демографските трендови на населението.
Структурата на населението по возраст е еден од најважните аспекти на населението, кои влијаат врз неговиот развој и на можностите за вкупниот развој на населението и во однос на старосната структура Република Македонија не е исклучок од светските и регионални трендови, а тоа е население кое сè повеќе старее, односно старото население е во пораст. Со надминување на границата од 12% на старо население Република Македонија влегува во групата на земји кои демографски се карактеризираат како земји со старо население.
Во рамките на Конференцијата беше усвоена и заедничка Декларација на министрите надлежни за труд и социјална политика на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа на Меѓународната конференција “Соочување со демографските предизвици во земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа”.