Државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби, на покана од албанскиот заменик-министер за култура Зев Чуни, деновиве престојуваше во Тирана, Република Албанија.
За време на престојот, државниот секретар Шехаби оствари средба и со министерката за култура на Република Албанија Мирела Кумбаро, на која беше констатирана успешната соработка во сферата на култура меѓу двете земји, а која е резултат на потпишаната Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015–2020 година.
Со Програмата се отвори можност за реализација на повеќе конкретни активности, меѓу кои и стручна помош во реставрацијата и конципирањето на впечатливата етнолошка поставка во Музејот на албанската азбука во Битола, каде што е презентиран значаен сегмент од албанската историја.
Во рамките на посетата на Тирана, Шехаби присуствуваше и на потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Националните галерии на Македонија и на Албанија.
Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорите Дита Старова Ќерими и Артан Шабани, има цел ставање во функција на просторните и интелектуалните ресурси на двете институции за реализација на проекти, истражувања, уметнички престои, семинари, предавања.