Реконципирана музејската поставка во Спомен-собата на Гоце Делчев

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети НУ Конзерваторски центар – Скопје, каде што во завршна фаза е Спомен-собата на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

„Ние и во Програмата на Владата ставивме реконципирање на музејските поставки во нашите институции. Спомен-собата на Гоце Делчев е реализирана во таа насока. Се работи за една мултимедијална, интерактивна музејска поставка, која е прекрасно изработена. Идејата е на Румен Ќамилов, а проектот е од огромно и исклучително значење во делот на едукативната мисија“ – рече Канческа-Милевска.

Таа информира дека посетителите ќе имаат можност да се запознаат со шест историски периоди карактеристични за Гоце Делчев, со голем број оригинални артефакти и предмети. Учениците и младите генерации тука ќе можат да погледнат голем број документарни филмови и други историски настани карактеристични за револуционерот Гоце Делчев.

Министерката Канческа-Милевска информира дека овој значаен комплекс годишно има над 15 илјади посетители.

„Идејата е овој комплекс да биде меморијален центар за културен натпревар. Тука се гробот на Гоце Делчев, Спомен-собата и еден од најубавите и најпрекрасни иконостаси во црквата „Св. Спас“ “- рече Канческа-Милевска.

Таа се осврна на Годишната програма на Конзерваторски центар – Скопје, на проектот за обнова на фасади во стари градски јадри.

„Лани Конзерваторскиот центар – Скопје заврши голем број фасади на улицата „Илинденска“ и во Старата скопска чаршија. Годинава ќе се реализираат пет фасади – четири во Старата скопска чаршија и фасадата на овој комплекс каде што е сместен Конзерваторскиот центар, а ќе биде опфатена и покривната конструкција“ – рече Канческа-Милевска и додаде дека во Старата скопска чаршија во завршна фаза е една фасада, а се почнуваат останатите.

Министерката за култура рече дека во завршна фаза е конзервацијата и реконструкцијата на иконите и иконостасот во црквата „Св. Спас“ во Кучевиште, се завршуваат проектите за конзервација и реконструција на Театарот во Скупи, а Спомен-куќата на Лазар Личеноски ќе се промовира следната година и ќе биде отворена за посетителите. Годинава ќе се почне со конзерваторски истражувања на аквадуктот со цел следната година да почне неговата конзервација. Таа најави дека годинава ќе почне и реконструкцијата на конакот на манастирот „Св. Никола“ во Љубанци.

Директорката на Конзерваторскиот центар – Скопје Ема Петрова информира дека ги набавиле сите материјали кои се однесуваат на животот и делото на Гоце Делчев.

„Румен Ќамилов, кој е автор на концептот на оваа поставка, обработи 300 фотографии кои се собрани од разни архиви, сите филмови што се снимени и поврзани со животот и делото на Гоце Делчев“ – рече Петрова и додаде дека тоа го изработувале во последните две години.

DSC_0051