Собранието ги одложи изборите – нема нов датум

Со 96 гласа „за“ и ниту еден против пратениците ги изгласаа измените на Изборниот законик, со кои се одложуваат изборите, кои претходно беа закажани за 5 јуни.

Нов датум не е утврден со измените.

На гласањето му претходеше жестока расправа, која траеше повеќе од еден час, а почна по обраќањето на пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми, кој рече дека денешната одлука на Уставниот суд, која е прв чекор на решавањето на политичката криза, е заслуга на ДУИ, која „повторно ја спасува државата“.

Адеми ги повика двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се вразумат и да покажат одговорност, додавајќи дека во спротивно Албанците во Македонија „имаат и други алтернативи“.

„Со тврдоглавост, нервоза и со терање инает ја донесовте земјата пред провалија. Не можеме секогаш да ве спасуваме, ние не можеме да ја плаќаме цената на вашата политичка неодговорност и сакам да ви дадам на знаење дека Албанците имаат и други алтернативи, доколку не ги послушате нашите повици“ – рече Адеми.

Пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, на ова реплицираше дека ДУИ едно зборува, но друго прави и дека со денешното гласање за смена на министрите на СДСМ во Владата, го погребале Договорот од Пржино.

„Меѓу двете најголеми политички партии, нема антагонизам и нетрпеливост, туку има нетрпеливост кон криминалната банда која со ова што го правите сакате да ја заштитите и да ги спасите и да не го видите Груевски во затвор “– рече Шилегов.

На Адеми му реплицираше и координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека со заканите Адеми ги преминал границите и исчекорил повеќе отколку што треба.

Координаторот на пратеничката група СДСМ, Горан Сугарески соопшти дека до Собранието поднеле барање за автентично толкување на Законот за помилување и ги повикаа колегите од останатите пратенички групи да го поддржат и да покажат дека се искрени кога зборуваат дека имаат намера да се најде решение на политичката криза.

Расправата потоа до крајот продолжи со меѓусебни препукнувања на релација СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој колку е виновен за политичката криза.

Извор: meta.mk