ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ трети на Меѓународниот натпревар „Балкан Јуниор“

Ученици и наставници ментори од ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ учествуваа на четвртиот по ред Меѓународен натпревар „Балкан Јуниор“, кој оваа година во периодот од 12ти до 15ти мај се одржа во Техничката Школа во Ваљево, Република Србија. На натпреварот учествуваа средни стручни училишта од Балканот – Србија, Словенија, Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Учениците Филип Милошески – III година, електротехничар за компјутерска техника и автоматика и Јован Цветковски – III година, техничар за компјутерско управување под менторство на наставниците Владо Јанкулоски, Борис Стрезоски и Душко Савески го освоија третото место во силна конкуренција во областа на мехатрониката. Учениците изработија проект „Транспортна лента“ кој се состоеше од магацин со делови кои се префрлуваат на производствена лента со електро-пневматски компоненти, управувани со програмибилен логички контролер (PLC).

„Балкан Јуниор“ подразбира меѓусебна соработка на полето на образованието, едукација на наставниот кадар и развој на дидактичката опрема, како и изработка и реализација на заеднички проекти. Мотото на овој проект е „Патиштата на пријателството“.

„Во овие времиња, кога има најразлични делби, време на политика, време на различни вери и идеологии, ние со овој проект ги бришеме сите граници, споделуваме знаења и искуства и уживаме во пријателството“ – истакна директорот на училиштето Јане Цаноски.