Мојот став е ист со последното соопштение на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини. Значи треба државните интереси да се стават над политичките, изјави германскиот специјален пратеник, по средбата со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи во Тетово.
Тачи, пак, само прокоментира дека состојбата е многу лоша, дури и полоша од пред Договорот од Пржино.
Вчера, Хајндл се сретна и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.
Целосно поништување на аболицијата, како што порачаа ЕУ, САД и целата меѓународна заедница, брзи и регуларни избори, со претходно исполнување на клучните предуслови, од страна на Влада којашто ќе има легитимитет да организира и спроведе избори, се решението за излез од политичката криза, побарал вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев на средбара со специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи, Јоханес Хајндл.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и специјалниот пратеник на министерот за надворешни работи на Германија, Јоханес Хајндл, пак, разгледувале различни аспекти на политичката криза како и „различните можности кои би довеле до нејзинот разрешување“, се вели во соопштението од владејчката партија за средбата.
Груевски на средбата истакнал дека неговата партија е посветена кон изнаоѓање на решенија за брз излез од „наметната политичка криза“ и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е граѓаните да имаат можност да избираат помеѓу политичките субјекти и квалитативно да ги вреднуваат нивните политики и чекори.
Извор: meta.mk