Oколу 450 матуранти од четирите охридски средни училишта ОСУ „Св.Климент Охридски“, СОСУ „Св.Кирил и Методиј“, ЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“, беа дел од манифестацијата Матурска парада 2016. Охридските матуранти по 15-пат на плоштадот „Св.Климент Охридски“ заиграа квадрил на музика од Штраус.
Настапот на матурантите го проследи и градоначалникот Никола Бакрачески кој во своето обраќање до нив упати порака во иднина да бидат успешни, но потсети и дека треба секогаш да останат чесни луѓе.
„Завесата на животот е високо подигната и пред вас се отвора нов прозорец на можности. Исправете се гордо и со подигната глава фокусирајте го погледот кон новите хоризонти и недопрените далечини. Луѓето се Богови во никулец.Верувајте во себе, бидејќи Вие и само Вие сте креатори на својот пат. Од овој момент, од вас се очекуваат зрели, добро осмислени , одговорни и високо етички чекори. Дали ќе бидете кардиолог или креатор, адвокат или агроном, земјоделец или sидар, инкасатор или ИТ инженер, политичар или пилот зависи само од Вашиот избор, од вербата во себе и посветеноста кон целите, но и вашата упорност да влечете напред и само напред кон освојување на новите хоризонти. Имајте секогаш на ум дека таквиот пат е трасиран со нови и нови знаења. Сонувајте ги височините кои денес ви изгледаат недостижни. Пуштете ги мислите слободно да патуваат, но не само праволиниски – таму каде што се гледа, туку и на нови места таму позади свиоците. Дофатете го недопреното. Но не заборавајте дека вашето време е ограничено, затоа не го трошите живеејќи го животот на некој друг. Не дозволувајте бучавата на другите мислења да го удави вашиот сопствен глас. И секогаш имајте храброст да го следите вашето срце и интуиција. Тие на некој начин веќе знаат што вие вистински сакате да постанете. Се друго е споредно . Но најважно од се – во вашите определби никогаш не ги заборавајте темелите на кои сте се потпреле дома и на училиште и кои се предуслов да останете тоа што сте, чесни и добри луѓе. Таа титула не се стекнува со пари, нити се освојува со сила. И запаметете: “Тој што владее со сила е омразен, со ум – е ценет, оној кој владее со добрина е сакан”… Затоа ви посакувам да бидете вечно млади – бидејќи СО ВАС И НИШТО Е СЕ, БЕЗ ВАС И СЕ Е НИШТО!!!ОСТАНЕТЕ- НАША ГОРДОСТ!!! и Бидете благословени од бога!“ – истакна градоначалникот Бакрачески.
Матурската парада годинава се одржа по 15-ти пат и од 2001 година до денес на манифестацијата учествувале над 300.000 матуранти од 100 градови во 10 европски држави меѓу кои се Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Украина.