„Знам да спасам живот“ – 45ти Општински натпревар по прва помош во Охрид

Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде: во домот, на улица, на училиште, на работно место, на игралиште, во природа и каде ли уште не. Во таквите ситуации правилното укажување прва помош значи спасување човечки живот.

Во рамките на своите активности во делот на првата помош Црвен крст Охрид утре во периодот од 8:00 до 16:00 часот, под мотото „ЗНАМ ДА СПАСАМ ЖИВОТ“, ќе го организира традиционалниот, 45-ти по ред, Општински натпревар по прва помош. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 300 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.

И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот „Св.Климент Охридски“, продолжувајќи по градскиот кеј, до СРЦ „Билјанини Извори“, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за ПП на Црвен крст Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 лиценцирани судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

Во рамки на натпреварот, во периодот од 12:00 до 14:00 часот младите што ја следат Бреинобреин програмата во Црвен крст Охрид и нивните родители, за посетителите ќе нудат атрактивни, домашно изработени производи со боите на Бреинобреин-Црвен крст Центарот за развивање на животни вештини.

Присутните наши сограѓани ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош, како и да се запознаат со содржината на Бреинобреин програмата.