Честитка од претседателот на СДСМ, Заев, по повод Националниот ден на Власите во Македонија

По повод Националниот ден на Власите претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати честитка до припадниците на влашката заедница во Македонија.

„На сите припадници на влашката заедница во Република Македонија, во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, им го честитам денешниот ден.

Власите дадоа голем историски, културен и општествен придонес во градењето на нашата заедничка држава, Република Македонија. Тоа Македонија нема да го заборави и секогаш ќе биде благодарна.

Денес, сите заедно сме исправени пред предизвикот за враќање на демократските процеси во нашата земја.

Покрај сите предизвици на дешницата заедничкиот соживот помеѓу заедниците во Македонија треба да го унапредуваме секојдневно.

Соживотот нека биде поттик за создавање општество кое ќе обединува, едно општество за сите.

Негувањето на меѓусебните односи нека ни биде заедничка цел и определба која ќе остане вредно наследство за идните поколенија во просперитетна Македонија.

Само со одговорно и искрено продлабочување на заедништвото, меѓусебната толеранција и почитувањето на посебностите може да обезбедиме стабилна и сигурна иднина за сите граѓани во Република Македонија како едно општество за сите“ – вели претседателот Заев во честитката до граѓаните од влашката етничка заедница.