ЈП „Билјанини извори“ информира дека изутринава вработените пред да ги заземат своите работни места биле сведоци на демолирани кошаркарски терени на спортско-рекреативниот центар, истурена била поголема количина на боја, превртени биле кошови и корпи за отпадоци, а испишани биле и пароли.
„Утрово од страна на одговорните во ЈП „Билјанини Извори“ бев известен дека дел од спортските терени во Спортско-рекреативниот центар се оштетени, а дел нагрдени со недолични графити. Веднаш беше известена Полицијата која презеде мерки и изврши увид на лице место. Морам тука да напоменам дека ова не е прв пат да се уништува имот на ЈП „Билјанини Извори“, но првпат сторителите се огласија сами и се потпишаа на вандалистичкото дело. Ако до сега се чудевме кој го крши Охрид три години и ги уништува добрата на Охриѓани, овој пат хулиганството си остави потпис на своето недело и стана јасно кој стои зад демолирањето на се што е ново и убаво во Охрид. Само се прашувам на кој начин бараат слобода и демократија и дали уништувањето на кошаркарски игралишта е дел од нивното поимување на слободата и деморкатијата. Сакам јавноста да ја известам дека немаме намера да се откажеме и дека овој случај ќе го истераме до крај и доколку полицијата ги лоцира сторителите ќе бараме институционална разрешница и казнување на одговорните за овој безумен чин“ – изјави директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.
Инаку, претпријатието изврши санација на овој спортски терен, со боја ги обележа терените и ги обнови кошовите само пред еден месец.