Претседателот Иванов ја поништи аболицијата на 22 политичари, другите треба сами да побараат

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

На 12 ти април донесов одлука за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, за поголем број лица, согласно Уставот и Законот за помилување. Одлука за која, како тогаш, така и сега сметам дека ја донесов исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

Многумина, за жал, не ја разбраа оваа идеја, или можеби не сакаа да ја разберат. Дебатите и во домашната и во меѓународната јавност отидоа во друг правец. Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда, дека политичарите се над законите.

Најсовесно изјавувам дека немав таква намера.

За разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците од мигрантската криза, особено во пресрет на најавите за новиот бран на бегалци и мигранти.

Почитувани сограѓани,

Денес донесов одлука да поништам дел од одлуките, и без помилуваните лица да го побараат тоа од мене.

Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, согласно законските измени имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување.

Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки.

Сакам да потенцирам дека искрено верував и сѐ уште верувам дека одлуката за помилување беше најдобрата можност за излез од политичката криза. Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго, што не е од интерес ниту за граѓаните, ниту за државата.

Сакам да порачам, дека како и досега, така и во иднина, секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата.

Ви благодарам.“