Свечено отворени Деновите на руската духовна култура во Македонија

Со настапот на хорот при Јарославската државна филхармонија, под диригентската палка на маестро Владимир Контарев, во домот на АРМ во Скопје свечено беа отворени Деновите на руската духовна култура во Македонија. Пред присутните, меѓу кои Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија; Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар; Олга Андоњева, директор на Директоратот за меѓународни односи на Министерството за култура во Руската Федерација и многу други, поздравен говор одржа заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

„Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што вечерва, во духот на историската и културната трансверзала што постои меѓу нашите две земји, Руската Федерација и Република Македонија, сме дел од еден уметнички чин кој ги отсликува пријателството и довербата меѓу нашите држави. Руската Федерација е земја во која историјата и културата нудат бесконечен број можности за средба со минатото, со уметноста, со убавината, со многубројните артефакти кои се доказ за длабоките корени и раскошот на културната ризница“, истакна заменик-министерот Недељковиќ во своето обраќање.

На свечената церемонија во чии рамки се одбележуваат и слават „Деновите на руската духовна култура“ во Порта Македонија и претходеше изложба на детски слики насловена „Душата на Русија“, каде што присутните имаа можност да се запознаат со ликовните експресии насликани од најмладите уметници, чиј инспиративен мотив е љубовта кон татковината. На свечената церемонија, пред присутните гости се обрати државниот секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехаби.

„Реализацијата на големиот културен настан Денови на руската духовна култура, несомнено, го потврдува пријателството меѓу македонската и руската држава, го потврдува континуитетот на македонско-руските културни врски кои траат и се негуваат и се длабоко поврзани со афирмацијата и зачувувањето на духовните вредности и културни стремежи“, подвлече во своето обраќање државниот секретар Шехаби.

Во наредните денови граѓаните на Скопје, Битола и Охрид ќе можат да ги погледнат програмските содржини што ќе ги понуди манифестацијата „Денови на руската духовна култура“ и да се запознаат со неодоливите репрезенти кои во целост ја нагласуваат специфичноста на рускиот народ, традиција и култура.