Со еколошки часови се одбележува 5 Јуни Светскиот ден за животна средина

Со најавување на еднонеделната кампања за одбележување на 5 Јуни Светскиот ден на животната средина, министерот за животна средина и просторно плaнирање Башким Амети се обрати на учениците на основното училиште Исмаил Ќемали во скопската општина Чаир.

„Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со УНДП и Милиеуконтакт Македонија ја започна кампањата за одбележување на 5 Јуни Светскиот ден на животната средина. Еколошки часови ќе се одржуваат во текот на оваа и во наредната недела во основни училишта во 6 скопски општини. Она што е интересно и атрактивно е дека еколошкиот час ќе биде реализиран во подвижната лабораторија на Министерството, која што популарно е препознатлива како Еко-караван и која што е обновена со помош на УСАИД во рамките на проектот за општински стратегии за климатски промени спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. Тема на едукативниот час се климатските промени, глобалното затоплување, последиците предизвикани од нив, а ќе се презентираат и инструменти за собирање на валидни податоци за процесите што се случуваат во животната средина, за добивање појасна слика за промените во климата“ – истакна министерот Амети. Главна цел според Амети не е само да се едуцира, туку и да се потикнат промени во секојдневните однесувања со кои секој поединец со малку напор ќе даде свој придонес кон почиста и зачувана животна средина.

На еколошкиот час присуствуваше и директорот на ова двојазично училиште Кадри Агуши, а учениците ги посети и ги поздрави и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.