Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 28 и 29 мај 2016 година, ќе престојува во работна посета на Босна и Херцеговина, каде ќе учествува на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот” и на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100″.
Денеска – 28 мај 2016 година, сабота, во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на „Самит 100″, заедно со претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, г. Младен Иваниќ и г. Драган Човиќ, претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар- Китаровиќ, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани и претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи.
На годинешниот „Самит 100″, насловен „Нов договор за ново време”, ќе учествуваат и бизнис лидерите и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа, а главни теми на дискусија ќе бидат одржливото снабдување со енергија, моделот на циркуларна економија, брендирање на регионот, транспорт и инфраструктура, создавање работна сила на иднината и кластер на автомобилската индустрија. На „Самит 100″, претседателот Иванов ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г. Џери Наумоф.
Утре – 29 мај 2016 година, недела, во Сараево, претседателот Иванов ќе учествува на состанок на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот”. На состанокот ќе учествуваат претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, г. Младен Иваниќ и г. Драган Човиќ, претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар- Китаровиќ, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани, и претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи. Специјален гостин на состанокот е претседателот на Италијанската Република, г. Серџо Матарела.
На состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот” во Сараево, претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка.