Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Република Бугарија, по повод учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Претседателот Иванов денеска, 31 мај 2016 година, во Софија ќе оствари средба со Претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев.
Утре, 01 јуни 2016 година, ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов.
Претседателот Иванов утре, 01 јуни 2016 година, во Софија ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во рамки на бугарското претседателство со оваа регионална иницијатива.
На самитот, покрај домаќинот, претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев, е најавено учеството на претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ, претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани, претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Молдова, г. Николае Тимофти, претседателот на Владата на Романија, г. Дацијан Циолош, заменик претседателот на Владата и Министер за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Ерјавец, Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер и Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, г. Горан Свилановиќ.