Од денеска граѓаните кои се од социјално ранливите категории можат да аплицираат на огласот за субвенционирано вработување. Огласот е отворен еден месец, за годинава е планирано државно субвенционирање за вработување на 100 лица. Компаниите кои ќе вработат вакви лица шест месеци ќе добиваат по 23 илјади денари од државата, а по истекот на овие шест, се обврзани да ги задржат на работа уште дополнителна половина година.
„На огласот можат да аплицираат сите приматели на социјална парична помош, жртви на семејно насилство, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, односно лица со ниски приходи во семејството. Тој ќе биде отворен во период од еден месец, а на него може да аплицираат и сите приватни компании коишто се заинтересирани со субвенционирање да вработат лица од овие категории. МТСП ќе овозможи финансиска субвенција во износ од 23.000 денари месечно во период од шест месеци“, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Додаде дека од овие средства 17.000 денари се наменети за субвенционирање на платата на лицето кое ќе се вработи, а 5.000 денари за покривање на трошоците за обука и за материјали коишто ги има работодавачот во овие шест месеци.
После завршувањето на периодот од субвенционирањето работодавачот е обврзан да ги задржи работниците уште најмалку шест месеци на своето работно место. За годинава, рече Спасов, ќе финансираме 100 вработувања на лица во социјален ризик, а имаме обезбедено вкупен буџет во износ од 15.600.000 денари.
„Ги поттикнувам сите лица кои ги исполнуваат овие услови да се јават на огласот, а и сите приватни компании да аплицираат и да ги искористат поволностите и за пополнување на слободните работни места со што ќе им помогнат на најзагрозените граѓани во Република Македонија“, истакна тој.
Посочи дека огласот требало да биде распишан и порано, но, како што рече, иако средствата биле испланирани и обезбедени поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски целосно ја закочила.
„Огласот не беше распишан, што е уште еден показател за начинот на функционирање на техничкиот министер од редовите на СДСМ,“ рече Спасов при посетата на компанијата „Идадија Инжинеринг“ која има вработено лица на еден од претходните огласи.
Поддршката на социјално ранливите категории граѓани, рече министерот, е приоритет на Владата притоа потсетувајќи на мерките за за подобрување на нивниот живот, како зголемување на социјалната паришна помош, еднократниот отпис на долговите, субвенционирањето на потрошувачката за електрична енергија…
Компанијата која денеска ја посети министерот Спасов вработува две лица од категоријата социјално ранливи граѓани. Од компанијата се задоволни од работата на овие лица и планираат да ги задржат на работа и по истекот на задолжителните шест месеци. Дејан Павлевски, еден од вработените, работи седум месеци во компанијата. До работно место дошол преку АВРМ која го повикала на разговор и го поврзала со компанијата. Претходно бил невработен повеќе од четири години.