Ракометарките поразени од Црна Гора

Сениорската женска репрезентација на Македонија доживеа пораз од Црна Гора во Скопје од 27-21, во Квалификациите за ЕП 2016 година, но прикажаа добра игра во која имаа и водство против фаворизираниот противник до 45-та минута.

Почетокот во „Кале“ донесе изедначен ракомет, а иако Црна Гора успеа да го преземе водството во првото полувреме, Македонија се одржуваше на достижна негатива и на пауза се замина со 13-12 за гостинот. Второто полувреме почна со одлична игра на избраничките на Симе Симовски и со серија од 4-0 за нашата репрезентација дојде до предност од 16-13.

Сепак, следуваше период на две исклучувања во нашиот тим, а искусниот противник знаеше како тоа да го искористи и откако постигна 9 голови во низа за 13 минути, стигна до недостижна предност. Во самата завршница нашиот состав успеа повторно да фати теренска рамноправност, сепак немаше можности за пресврт, па Црна Гора оствари конечен триумф од 27-21.

Сара Ристовска беше прв стрелец во нашиот тим со 6 голови (од 6 обиди), а меѓу поефикасните беа и Теодора Керамичиева со 4 и Марија Николиќ со 3 погодоци. Добар настап на голот на нашата репрезентација имаше и Драгана Петковска.

Ова беше последен натпревар за Македонија на домашен терен од Квалификациите за ЕП. Во последното коло се среќаваме со Хрватска во Риека во натпревар закажан за недела (5 јуни) од 18:00 часот.