Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Советот на млади на општина Дебрца, кој треба да ги застапува и штити интересите на младите постои само формално. Измина повеќе од една година од кога беше формиран и помпезно на свечена вечер промовиран , избраните членови добија решение и од тогаш до денес од Советот на млади не видовме ниту трага, не чувме ниту глас.
Во изминатава година не само што не е донесена локалната младинска стратегија, туку не видовме ниту еден предлог до советот на општината Дебрца за идентификуваните проблеми на младите на локално ниво и начини за нивно можно решавање.
Дали тоа значи дека младите во општина Дебрца не се соочуваат со реални проблеми или младите ги нема, односно си заминаа оттука како последица на погубните политики на Владата на Република Македонија.
Нефункционалноста на Советот на млади води до младинско отсуство во креирање на политиките на локално ниво, слаба младинска информираност и недостиг на акции кои ќе го подобрат животот на младите.
Ваквата состојба со Советот на млади воопшто не изненадува, ако се има во предвид дека уште при неговото формирање кажавме дека Советот на млади на општина Дебрца, формиран исклучиво од партиски членови, во крајно нетранспарентна постапка и спротивно на условите објавени во Јавниот повик не е ништо друго туку само продолжена рака на општинската Унија на млади сили на ВМРО ДПМНЕ. Неговото нефункционирање во изминатава година само ја потврди таа констатација и Советот на млади од советодавно тело на советот на општината се претвори во безлично партиско тело. Дека е тоа така може да се констатира и од тоа што безмалку сите членови на Советот на млади во изминатиот период можеа да се видат активно вклучени во партиските активности на ВМРО ДПМНЕ.
Очигледно, одбраната на нивната во тежок криминал фатена и корумпирана партиска врхушка на власт им беше поважна од проблемите на младите во Дебрца.
Поради тоа, на наредната седница на советот на општината нашата советничка група ќе достави иницијатива за отпочнување на постапка за избор на нов состав на Советот на млади, кој би се избрал во транспарентен, демократски и инклузивен процес, со вклучување на поголем број на млади.
На тој начин избраниот Совет на млади ќе треба да усвои Програма за својата работа и првенствено да креира локална младинска стратегија на општината, како основен документ кој ќе се стреми кон подобрување на општата положба и задоволување на потребите и интересите на младите во општината и зајакнување на односите помеѓу општина Дебрца и младите, како и младинските организации.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.