Овој 20-25ти август на планината Галичица во Велестово, Охрид по втор пат ќе се одржи StartQube, летен камп за претприемачи и луѓе ориентирани кон градење на бизнис или подобрување на своите бизнис вештини. Во текот на програмата на кампот од А до Ш се покрива развивањето на една идеа до целосен и самоодржлив бизнис.
Летниот камп е организиран од СТАРТАП ЗОНА, тимот кој стои зад веќе успешниот Codefest. Учесниците ќе имаат уникатна можност, покрај необичниот планински 5-дневен одмор, да живеат со менторите на настанот во текот на целиот камп и заедно да работатна развој на бизниси според методологиите на дел од најуспешните претприемачи кои веќе го имаат тоа искуство на градење бизниси. Настанот е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), која е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.
Менторите на StartQube доаѓаат од цела Европа, што го прави настанот единствена можност за запознавање, учење и дружење со дел од најдобрите стартап професионалци, и тоа на неформален начин. Оваа придобивка веројатно е нај-незаменливиот дел од целиот настан.
„Нашата цел е да ги доближиме искуствата на менторите, нивните правилни и неправилни одлуки кои им помогнале да формираат успешен бизнис, до луѓето кои штотоку почнуваат да развиваат сопствени идеи и да работат на истите. Оваа година StartQube ќе понуди целосна забрзана програма и содржина слична на долгите инкубаторски и акцелераторски програми, компактно спакувана во 5 интензивни денови“, – велат организаторите.
StartQube е збир на повеќе практични работилници кои се организираат во соработка со повеќе експерти. Идејата е учесниците да се запознаат со сите фази на креирање на успешен бизнис – од изработка на бизнис план и модел, анализа на пазарот, пристап до корисниците, пристап до инвестиции, pitching, и сè што е клучно за креирање на одржлив бизнис. Оваа година учесниците ќе имаат можност и да слушнат дел од успешните бизнис приказни од Македонија и регионoт и да се запознаат со оние кои стојат зад нив.
За време на настанот предвидени се и доста интересни активности низ кои учесниците ќе се запознаат со дел од туристичките можности на Охрид. Дел од овие активности вклучуваат спорт, планинарење по Галичица, параглајдинг, итн.
За квалитетот на програмата на StartQube говори и остварената соработка со Американскиот Совет, преку која StartQube ќе одржи и два дополнителни кампови, еден во Централна Азија и еден во Југоисточна Европа.
Нека ова лето покрај забавно ви биде исполнето и со продуктивност, отворање нови видици и истражување на нови можности. Апликациите за StartQube 2016 се достапни на http://www.startqube.me/macedonia и одат по принципот „Request Invitation“, потоа апликациите се разгледуваат и сите кои се официјално поканети ќе можат да бидат дел од настанот. Рок за аплицирање нема, но местата се стриктно ограничени. StartQube на Facebook: https://www.facebook.com/startqube/.