Министерката за култура Канческа-Милевска свечено го отвори 53-то издание на „Рацинови средби“

Пред платото на Спомен-костурницата од НОВ во Велес, синоќа започна чествувањето на годинешното 53-то издание на манифестацијата „Рацинови средби“. На свеченоста присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, пратеници во Собранието на Република Македонија, претставници на Македонската православна црква, членови на Советот на Општина Велес, писатели, уметници, граѓани и почитувачи на ликот и делото на великанот на македонската книжевна реч, Коста Солев Рацин.

На отворањето на манифестацијата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска подвлече дека со поезијата на Кочо Рацин, македонската литература ја доби неопходната поврзувачка нишка меѓу традицијата и современоста.

„Создавајќи во дослух со претходниците, Рацин ги постави темелите на современиот развој на македонската поезија, осмислувајќи еден континуитет произлезен од народната песна, чиј јазик токму во неговиот творечки зафат ги покажа неисцрпните можности на уметноста на пишаниот збор“ – истакна министерката за култура и додаде дека по Рацин не е само полесно да се пишува на македонски, туку по него е гордо и да се мисли и да се чувствува и да се создава на македонски јазик.

Во обраќањето пред присутните, Канческа–Милевска потенцираше дека манифестацијата „Рацинови средби“ е израз на универзалната глорификација на Кочо Рацин, тaа е датум кој Република Македонија сака да го сподели со националната и меѓународната јавност, како чин во којшто се препознава нашиот идентитет, нашето траење во минатото и сегашноста, нашиот сон за иднината.

„На овој начин ние покажуваме свест за својата традиција и грижа за нејзино зачувување и афирмирање. Воедно, со оваа манифестација, Велес, градот во кој е отворено првото училиште на македонски јазик, првата гимназија, првиот театар, првата библиотека, првиот музеј, првото музичко училиште во Македонија, повторно ја подвлекува својата улога на културен центар во кој се негуваат вистинските вредности на културата“ – нагласи министерката за култура.

Таа ги наведе проектите кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги реализираа во Велес во изминатиот период, меѓу кои се и изградбата на новиот театар, обновата на фасадите со староградска архитектура, обемните археолошки истражувања на Стоби и на останатите локалитети од овој регион кои резултираа со голем број значајни наоди, како и обновата на Спомен-костурницата која е своевиден белег на градот Велес.

На свеченоста беше изведен перформансот „Тука сум“, во режија на Наташа Поплавска, по што беа врачени и новонастанатите награди во минатата година: наградата „Антологија на болката“ на Даница Ивановска-Лепојевиќ и наградата „Напиши љубов во 140 карактери“ на Горан Лазевски.

Културната манифестација претходно ја отворија младите уметници од Гимназијата „Кочо Рацин“. Тие на „Ѕидот за Рацин“, под Градскиот саат во Велес, го промовираа муралот „Ленка и тутуноберачите“.

Во текот на денот се одржаа и уште неколку културни настани, како промоцијата на изложбата „Грнчарски средби – Велес 2016“ и насадување дрвца во „Рациновата шума“, кои и претходеа на централната манифестација.

Пред почетокот на свеченото отворање беше одржана и процесијата „1000 свеќи за Рацин“, а се одржа и традиционалното положување цвеќиња пред споменикот на Рацин во центарот на градот.