Охрид домаќин на седмиот меѓународен конгрес за металургија

Во Охрид денес започна 7. Меѓународен металуршки конгрес: „Металургијата, материјалите и заштитата на животната средина“, една од најзначајните манифестации од оваа област не само во државата туку и во Регионот, за што говори учеството на домашните и на претставници на научната јавност од 15 странски држави.

Во приодот од 9 до 12 јуни 2016 година, голем број видни автори од универзитети, истражувачки центри и институти од Германија, Финска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Турција, Словачка и др., како и претставници од македонската металуршка индустрија ќе ги презентираат своите најнови сознанија на теми релевантни за оваа индустрија, пред се` новите технологии и новите типови материјали.

Претседателот на Здружението на металурзите на Македонија, проф д-р Свето Цветковски во своето поздравно обраќање, покрај другото, истакна дека големиот број учесници, како од земјата, така и од странство, говори за значењето на манифестацијата, како можност за размена на знаење и искуства од интерес за развој на овој, особено значаен индустриски сектор за националните економии, како и за економијата во регионот на Југоисточна Европа. На Конгресот ќе се отворат суштествени прашања од областа на металургијата, материјалите и опкружувањето во насока на унапредување на производството на основни метали и нивната преработка. Заблагодарувајќи се на бројните учесници на Конгресот, тој го поздрави учеството на претставниците на индустријата и во оваа прилика се заблагодари на сите поддржувачи и спонзори кои го овозможија настанот, особено на „Макстил“ АД – Скопје, како главен спонзор на овој научен конгрес.

Претседателот на Здужението на металургијата при Стопанската комора на Македонија, д-р Митко Кочовски, од аспект на бизнис-секторот, истакна дека очекува да биде потенцирано значењето на металургијата, како витален сектор за македонската економија и да ги доближи научните достигнувања до реалниот сектор. Очекува активностите на регионално ниво да продолжат низ разни форми на соработка со цел унапредување на соработката во овој особено значаен индустриски сектор.

По свеченото отворање, следеше пленарната сесија со излагања на М.С. Сомани од Центарот за истражувања во обработка на челик од Универзитетот „Оулу“ од Финска и на Јакоб Ламут, а потоа следеше излагањето на Среќко Стопиќ од Рајнско-вестфалскиот технички универзитет Ахен од СР Германија и други.

Согласно Програмата на Конгресот, во организиација на Здружението на металурзи на Македонија и Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија ќе се одржи тркалезна маса за металниот сектор на тема: Металургијата во регионот на Југоисточна Европа – актуелни состојби и развојни перспективи. На овој настан ќе се разгледаат состојбите во овој комплекс низ призмата на актуелните случувања на глобален план, можностите за унапредување на соработката, размена на знаења и искуства со цел оваа индустрија да прерасне во движечка сила на економијата во регионот. Исто така, се очекува и да се предложи форма на натамошно делување на ниво на регионот преку што ќе се реализираат заедничките заложби за натамошна успешна соработка во овој витален индустриски сектор.

Оваа значајна манифестација се одржува во организација на Здружението на металурзите, а под покровителство на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Иако активностите во металуршкиот сектор подолг период се одвиваат во услови на глобална економска криза, што резултира со речиси преполовените резултати во однос на резултатите од пред кризната 2007 година, сепак во рамките на нашата национална економија металургијата останува најзначајниот индустриски сектор и најголем нето извозник.

????????????????????????????????????