Утре, на Фестивалот пристигнува специјалната гостинка на Охридски филмски фестивал, Астрид Ветнал, со филмот „Пат за Истанбул“ на Рашид Бушаред
Од денеска, (понеделник, 13 јуни) Фестивалот покрај редовната програма ќе продолжи со прикажување на кратката програма чиј избор го направи филмскиот критичар Влатко Галевски. На Фестивалот ќе бидат прикажани 44 кратки филма меѓу кои се пет македонски. Кратките филмови ќе се прикажуваат на Охридската филмска школа – ФИОФА со почеток од 13 часот денеска, во вторник и во среда, во три блока што ќе траат по два часа.
Програмата започнува со прикажување на документарно-експерименталниот-игран филм од Шпанија на Мигел Ангел Баросо. Филмот зборува за детството и младоста на Пјер Паоло Пазолини, низ главните локови во неговиот живот: татко му Карло Алберто, со кого имал тешка врска на љубов и омраза, мајка му, со која ќе биде многу близок до неговиот последен ден, помладиот брат Гвидо, кој оди во партизани во Втората Светска војна и е убиен под чудни околности….
Денеска на Фестивалот ќе се одржи и работилница на тема „Патос“ – главна инспирација во македонската кинематографија. Целта на работилницата е елаборирано докажување на неизбежното постоење на аспектот на „Патос“ во македонската кинематографија, кој служи како ултимативна и основна карактеристика во филмскиот јазик .
Од 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ продолжува прикажувањето на филмовите од Главната програма и од програмата „Видици“. Публиката првин ќе може да го види 10-минутниот анимиран филм „Кружното патување на Марето“ во режија на Жарко Иванов, а потоа следува полско-германскиот филм „Зуд“ на Марта Минорович. Приказната во филмот е посветена на тешкиот номадски живот во монголските степи, кој најчесто зависи од непредвидливите случувања на природата. Единаесетгодишниот Сукбат ќе мора да го напушти училиштето и да се врати дома за да се грижи за семејството, но соочувањето со степата никого не може да го остави неповреден.
Филмот „Како што сонувавме“ е последен на четвртата фестивалска вечер на „Охрид Филм Фест“. Филмот на еден од најактуелните германски режисери, Андреас Дрезен, зборува за Источна Германија во 1990-те за три момчиња кои се фанови на техно-музика и решаваат да отворат свој клуб.
А утре во Охрид од Белгија пристигнува француската актерка Астрид Ветнал, која ја игра главната улога во филмот на Рашид Бушареб „Пат за Истанбул“. Францускиот режисер со алжирско потекло, кој последниве години ги освојува сите награди на светските фестивали, беше поканет во Охрид со овој филм кој премиерата ја имаше на Берлинскиот фестивал, но тој моментно снима друг филм. Но, затоа публиката ќе може да ја сретне Астрид Ветнал која во филмот ја игра мајката која ќе тргне на многу тежок пат за да ја врати својата ќерка на „правиот пат“.