Откриени измами и мигранти и запленети девизи, цигари, техничка стока, додатоци на исхраната и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија 2 царински измами, двајца илегални патници и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, цигари, тутун, паметни часовници, музички уреди, кожни столици, додатоци на исхраната и сликарски бои.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 15.000 евра откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Во преден десен џеб од панталоните на возачот се пронајдени 25.000 евра, од кои согласно законските прописи му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 36 штеки цигари RODEO со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од македонски државјанин пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари, пронајдени во фабрички шуплини, во седиштата, на кровот, како и во еден пакет со разни прехранбени производи, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 14 штеки цигари Ome, George Каrelias, Maxim slims, Pall Mall и Dunhil и 750 грама тутун за пушење Old Holborn, без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил управуван од грчки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во внатрешноста на потпирачот на задното седиште, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Техничка стока

– 7 паметни часовници Ninetec Smartwach Smart 9, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на куфер сопственост на српски државјанин, кој допатувал со лет од Хамбург. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.

– 2 употребувани музички засилувачи DYNACORD SL900 2x450W и 1 употребувана миксета SOUNDCRAFT MFX, откриени при контрола намакедонски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во куфер сместен во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Останато

– 12 кожни канцелариски столици, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен како празно возило за излез од државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените столици, пронајдени во просторот за палети на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– околу 9 кг (16 пакувања од 550 грама) прашок Herbalife за добивање на хранливи пијалоци и 400 грама (6 пакувања од 50 грама и 1 пакување од 100 грама) Herbalife инстант пијалок со екстракти од чај, откриени од страна на мобилните тимови, при контрола на словенечки автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во патна торба сместена во багажниот простор, се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, е поденесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 93 парчиња бои за сликарство, откриени при контрола на македонски автопмобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените бои, пронајдени во 4 најлонски кеси сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Покрај тоа, откриени се и две царински измами и двајца нелегални патници.

Царински измами

Во царинската испостава Гевгелија се откриени 2 обиди за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Во двата случаи, две фирми увозници од Скопје пријавиле за увозно царинење „Пченка печена и солена“ декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното распоредување на пријавениот производ според Водичот за царинење на Царинската управа, во двата случаи царинските службеници земале мостра од производот и го испратиле на анализа во Царинската лабораторија. Според резултатите од анализата производот требало да се распореди во сосема друга тарифна ознака за која се пропишани стапка за царински давачки од 30% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки, во првиот случај во износ од над 617 илјади денари, а во вториот случај во износ од околу 315 илјади денари. Покрај тоа против увозниците се изготвени записници за распоредување на стоката според царинската тарифа, поведени се прекршочни постапки и изречени се мандатни казни за сторените прекршоци.

Мигранти

Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за нелегално преминување на границата на две лица кои не поседувале документи за идентификација. Двете лица се пронајдени во внатрешноста на приколката на македонски камион, натоварен со лубеници, кој се пријавил за излез од државата. Случајот е предаден на полициските службеници од граничниот премин за понатамошна постапка.